Ивановски: Македонија има голем ИТ потенцијал и е добра дестинација за странските компании
Она што го прави Владата во соработка со приватниот сектор им овозможува на домашните ИКТ компании да отвораат нови работни места и да развиваат софтвер и услуги не само за Македонија, туку и за извоз, истакна денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Пред јавната расправа за предлог - краткорочната ИKТ стратегија 2016 - 2017 во Стопанската комора, Ивановски, одговорајќи на новинарски прашања, рече дека Македонија има голем ИТ потенцијал и е добра дестинација за странските директни инвестиции од оваа област.
- Во 2013 година ИКТ секторот придонесе со 450 милиони евра, а од 2010-та до 2013-та бележи и најмногу вработувања, над 138 отсто повеќе. Тоа значи дека потенцијал имаме и тоа го препознаваат странските компании, напомена Ивановски.
Според него, овој споредбен период од три години покажува и дека од вкупниот извоз во 2013-та, 120 милиони евра, најголем дел е развој на софтвер и услуги.
- Дури 95 проценти од колачот за извозно-ориентираните информатички технологии, се однесуваа на услуги. Тоа уште еднаш докажува дека Македонија е добра дестинација за компаниите кои доаѓаат. Моментно сме во преговори и се надевам, странски инвестиции ќе продолжат да доаѓат за максимално искористување на нашиот талент за извоз на услуги кон ЕУ, нагласи министерот, додавајќи дека вкупниот број вработени во ИКТ, околу 16.000, кој воедно претставува 2,4 отсто од вкупниот број вработени во земјава, придонесуваат со 4,1 процент во додадената вредност.
Инвестирањето во студентите и идните генерации воопшто, потенцира, останува еден од клучните приоритети на Владата.
- Затоа се прават и реформи во образованието. Во таа насока се и барањата на приватниот сектор за правење конкретни, брзи мерки кои ќе овозможат побрза трансформација на дипломираните ИКТ студенти и нивно активно вклучување во технологијата, напомена Ивановски.
Советникот за ИКТ Софче Јовановска од Стопанската комора го потенцира значењето на развојот на информатичкото општество и неговото директно влијание врз поголемата продуктивност, иновативност и ефикасност на приватниот и јавниот сектор.
- Тоа доведува и до создавање нови работни места со зголемена додадена вредност. Многу економии во светот го имаат препознаено овој сектор како особено значаен и како централен столб во градењето на општествено-економски стратегии, рече Јовановска и порача, проактивните политики дефинирани во краткорочната стратегија почесто да се разгледуваат, надградуваат и адаптираат со оглед на динамиката на материјата.
Промените во ИКТ индустријата, се согласи претседателот на ИКТ комората при Сојузот на стопански комори (ССК) Саша Огненовски, се случуваат со 10 пати поголем интензитет од вообичаениот за другите.
- Веќе имавме една ИКТ стратегија која времето ја прегази и се појави потреба од изготвување нов документ. Во тоа учествуваме сите, науката, бизнисот, Министерството, невладините организации. Нашата индусрија е водечка и треба да го повлече општеството напред во однос на економскиот развој. Неспорен факт е дека развиеното ИКТ општество дава многукратен придонес, подвлече Огненовски.
Во краткорочната стратегија што беше презентирана, а е изготвена на иницијатива на ИКТ комората при ССК со поддршка на Швајцарската амбасада, има предлог-мерки од приватниот сектор за побрз, подинамичен начин да се трансформира знаењето на дипломците.
Од швајцарска страна беше речено дека поддршката во оваа насока продолжува преку јавно-приватен дијалог, развој на вештини и нови вработувања.
ИКТ секторот на европско ниво учествува со пет отсто во градењето на БДП годишно, со 20 проценти во растот на БДП и со дополнителни 30 отсто во инвестициите во ИКТ секторот. Овие бројки, се согласија учесниците на јавната расправа, треба да се постигнат.