Самовработување на лица со инвалидност
Вкупно 360 лица, од кои 120 со инвалидност кои ќе креираат сопствен бизнис и дополнителни 240 невработени лица кои ќе се вработат во новоформираните претпријатија, ќе овозможи програмата Самовработување на лица со инвалидност. За реализацијата на оваа програма Владата предвиде 59 милиони и 280 илјади денари, а право на учество имаат сите невработени лица со инвалидност.
Програмата денеска ја промовираа вицепремиерот задолжен за економскки прашања Владимир Пешевски, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Попоски и Алесандро Фракасети, заменик-постојан претставник на УНДП во Македонија.
Вицепремиерот Пешевски информира дека мерката има за цел да се зголеми вработеноста и можностите на пазарот на трудот за невработените од оваа група на лица.
- Владата континуирано спроведува и ќе продолжи да реализира проекти чиј главен фокус ќе бидат лицата со инвалидност, а со цел нивна поуспешна интеграција во општеството и овозможување еднакви услуги за живот и работа, рече Пешевски и додаде дека особено важно е да им се даде шанса на лицата со инвалидност за да ги покажат своите знаења и вештини.
Тој потсети дека проектот „Македонија вработува“ ги идентификува сите групи на невработени лица, а особен фокус е ставен на најчувствителните и најранливите групи на невработени во Македонија, меѓу кои се и лицата со инвалидност.
Министерот Спасов информира дека предноста на Оперативниот план за услуги на пазарот на трудот и активни програми и мерки за вработување за 2015 година е во тоа што во него се предвидени различни видови на програми и мерки кои се насочени на различни целни групи кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот.
- Сите учесници во оваа програма се стекнуваат со право да добијат обука за претприемништво и развој на бизнис идеја и од нив ќе бидат избрани дел за поддршка за изработка на бизнис план. Невработените лица кои доставиле најдобри бизнис планови ќе добијат помош при регистрација на сопствен бизнис и ќе добијат грант од 310 илјади денари. Лицата ќе добијат индивидуална поддршка преку обезбедување континуирани консултантски и менторски услуги, истакна Спасов.
Кандидатите кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кои имаат потреба од дополнителни вработувања можат да аплицираат за грант кој ќе поддржи самовработување на основачот на компанијата и дополнително вработување на најмногу две лица. Во тој случај средствата на вкупниот грант ќе изнесуваат 494 илјади денари од кои 310 илјади денари за реализација на самовработување и отворње на бизнисот и 184 илјади денари за дополнителни две вработувања, или по 92 илјади денари по лице.
- Со оваа мерка ќе ја засилиме со новната наша цел, што повеќе вработени лица со инвалидност, потенцира Спасов.
Директорот Поповски информира дека огласот стартува од денеска и наредните 30 работни дена, од понеделник, сите заинтересирани лица ќе можат да поднесат апликација во Агенцијата за вработување. Оние лице кои не се во евиденција, истиот ден кога ќе се пријават на евиденцијата за активни баратели на работа ќе можат да поднест апликација за оваа мерка.
- Прво ќе ги детектираме оние лица, кои согласно Комисијата, можат да работат. Од нив ќе се направи селекција, кои ќе одат на обука и ќе произлезат бизнис планови, рече Поповски и додаде дека целата постапка ќе се одвива во Агенцијата за вработување со помош од УНДП.
Оваа програма ја поддржаа Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, Васко Марков, претседател на Националниот сојуз за глуви и наглуви и Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи лица.