Камен-темелник на нова амбуланта во Миладиновци, општина Илинден
Камен-темелник на нова амбуланта беше поставен денеска во населено место Миладиновци, општина Илинден. Станува збор за инвестиција од 14,5 милиони денари. Изградбата на амбулантата, која ќе се простира на површина од 250 м2, ќе заврши наесен кога пациентите од тој регион ќе почнат да ги добиваат здравствените услуги во новоизградениот објект.
Ќе им бидат на располагање две ординации по општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за патронажа (вакцинација), просторија за интервенција, лабораторија, аптека, чекална, како и санитарни јазли за пациенти и персонал.
На поставувањето камен-темелник присуствуваше министерот за здравство Никола Тодоров, директорката на Здравствен дом - Скопје Тања Баевска Вучковиќ и градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.
- Старата амбуланта е изградена во 1967 година и во лоша инфраструктурна состојба. Тука се прикрепени над 4.000 пациенти и кон оваа амбуланта гравитираат пациенти од шест населени места во општина Илинден. Заради тоа на иницијатива на градоначалникот и со поддршка на Министерството за здравство и Здравствен дом Скопје одлучивме да отпочнеме со изградба на комплетно нова амбуланта која ќе биде поголема од старата и во која ќе има подобри услови за работа и функционирање на двата матични лекари, изјави Тодоров.
Директорката на Здравствен дом Скопје, Тања Баевска-Вучковиќ рече дека во редот на капитални инвестиции после 48 години во населеното место Миладиновци се гради нова амбуланта.
- Ова е пример на меѓуинституционална соработка, соработка со локалната самоуправа која ги следи потребите на граѓаните и во соработка со Министерството за здравство и Здравствен дом Скопје, каде амбулантата припаѓа во делот на давање услуги на примарна здравствена заштита, се започна овој проект, рече Баевска - Вучковиќ.
Посочи дека по завршување на новиот објект, стариот објект ќе биде урнат и на тоа место ќе биде направен паркинг и просторот партерно ќе биде уреден.
- Со новите услови и просторното уредување ќе имаме можност и тука да ја развиеме мобилната лабораторија бидејќи имаме многу добро искуство со мобилната лабораторија која во март ја отворивме во амбулантата во Волково. Ставаме акцент на овие рурални средини бидејќи навистина се поголем број граѓани гравитираат и целта ни е доближување на услугите во местото на живеење, додаде Баевска-Вучковиќ.
Градоначалникот Стојановски рече дека со изградба на амбулантата жителите на Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци ќе добијат подобри услови за поквалитетна здравствена услуга, а со тоа и подобри услови и подобар квалитет на живеење.
Најави нова инвестиција во областа на здравството, односно изградба на нов објект здравствен дом, поликлиника во Илинден на 4.000 м2 од приватен инвеститор. Изградбата ќе почне наесен.