Леар инвестира 15 милиони евра во Полошкиот регион, потпишан договор
Со потенцијал за нови 3.000 работни места во полошкиот регион е инвестицијата од 15 милиони евра на американската корпорација „Леар“ во производствен капацитет за навлаки за автомобилски седишта.
Договорот за реализација на инвестицијата го потпишаа денеска во Скопје потпретседателот на корпорацијата „Леар“ Рафаел Гаљарди и министерот за странски инвестиции Веле Самак, во присуство на премиерот Никола Груевски и министри во Владата.
Во веќе постоечки објект во Гостивар за до крајот на годинава инвеститорот најавува ангажирање 150 до 200 вработени, до крајот на следната година 800, а по префрлање на инвестицијата во нов објект во ТИРЗ Тетово се очекува бројот на вработени да достигне 2.000, со потенцијал за 3.000 вработувања. Објектот во Тетово треба да биде готов до средината на следната година, а производството е наменето за сите големи европски автомобилски производители. Очекувањата на Владата се инвестицијата на „Леар“ за наредните пет години да го зголеми бруто домашниот приход за 150-190 милиони евра.
Премиерот Груевски изрази задоволство што е потпишан договор за инвестиција со Леар, една од најголемите компании во индустријата на автомобилски делови и, како што рече, една од најзначајните инвестиции во Македонија со оглед дека има потенцијал да отвори до 3.000 нови работни места во тетовско-гостиварскиот регион.
- Ова е особено значајно за полошкиот регион кој во минатото беше познат по текстилната индустрија и кој има голем број луѓе без работа, а кои имаат квалификации во оваа струка. Оваа инвестиција е уште една потврда за нашата работа и за нашите напори да донесеме што повеќе инвестиции во Македонија и да отвориме што повеќе работни места. Со таква работа ќе продолжиме и во наредниот период, рече Груевски.
Значајно е, потенцира, што „Леар“ одлучиле да инвестираат токму во полошкиот регион каде досега не беше присутна поголема компанија која ќе апсорбира поголема работна сила. - Три илјади не е мала бројка, тоа се три илјади семејства и тоа се пред само директни вработувања. Како и во секоја голема фабрика и голема корпорација секогаш кога има толку многу директни има и многу индиректни вработувања.Така што мислам дека оваа компанија ќе направи сериозно апсорбирање на слободанта работа сила во целиот овој регион и во Тетово и во Гостивар и во околните општини и ќе реши проблеми на многу семејства, нагласи Груевски.
Потпретседателот на Леар Гаљарди рече дека одлуката да ја изберат Македонија како локација за нивен следен капацитет за производство за навлаки за автомобилски седишта е донесена по внимателно разгледување на голем број фактори. - Се разбира поддршката од Владата преку промовирањето на Македонија како привлечна локација за производство одигра важна улога, но анализиравме и бројни други фактори како расположливоста на добра локација, нашата способност за наоѓање добри бизнис партнери и општата економска конкурентност, а најважно е од се нашето верување дека ќе можеме да најдеме вредни и обучени луѓе во регионот, рече Гаљарди.
Планираат обука на кадар за потребите вештини за кроење и шиење на нивните производи со применување на најновите достигнувања во техники за ефикасно производство при што ќе се помогне да се разберат специфичните барања на нивните клиенти.
- Наскоро ќе го почнеме процесот на вработување шивачи и поврзан технички и помошен персонал и ќе ги обучиме за тоа што е потребно за секојдневно производство на производи со највисок квалитет. На почетокот ќе бидеме лоцирани во Гостивар во постоечка зграда, но очекуваме нова наменска зграда да ни биде готова до средината на 2016 година. Нашиот план е да достигнеме 150 до 200 вработени до крајот на годинава, околу 800 вработени до крајот на 2016. Очекуваме да имаме помеѓу 1.500 до 2.000 вработени во нашата фабрика во Тетово до крајот на 2018 година со потенцијал за натамошно проширување ако тоа го дозволат условите, рече Гаљарди.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, инвестицијата на Леар е показател дека Владата води сметка за рамномерен регионален економски развој и продолжение на успешните политики за носење инвестиции и отворање работни места.
- Очекуваме и годинава Република Македонија да ја потврди својата лидерска позиција во Европа кога станува збор за новоотворени работи места и воопшто за бројот на директни странски инвестиции. Македонија лани имаше највисок процент од дури 223 проценти на ново отворени работни места во однос на претходната година со што беше убедливо рангирана на првото место во Европа. Очекуваме и оваа година да биде рекордна по бројот на странски инвестиции, рече Пешевски.
Намерата за инвестирање во Македонија Леар ја потврди на 19 мај годинава. Министерот Самак и неговиот тим повеќе од две години работеа на убедување Леар оваа инвестиција да ја лоцира во државава. - Ова е значајна инвестиција во полошкиот регион. Работевме интензивно на овој проект. Поминавме низ бројни дискусии и анализи и надминавме бројни препреки и голема конкуренција која ја имаме во регионот, наведе Самак.
Леар, појасни, ќе доставува квалитетни производи до сите европски автомобилски брендови. - Особено е важно што според нивното досегашно искуство каде што имале успех има потенцијал за експанзија на оваа фабрика на три илјади вработувања. Убедени сме дека квалитетот на луѓето кои ќе работат во оваа компанија ќе ја потврди можноста за таа широка експанзија, рече Самак, истакнувајќи дека со инвестицијата на Леар за наредните пет години се очекува зголемување за 150 до 190 милиони евра зголемување на бруто домашниот приход.
Корпорацијата Леар ( Lear Corporation ) е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот и производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на Леар се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на приближно 132.000 вработени лоцирани во 34 земји. На листата на Fortune 500, Lear e рангирана на 177 место. Седиштето на Леар се наоѓа во Саутфилд, Мичиген.