Демант од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија
Сакаме да истакнеме дека се целосно неточни и невистинити наводите објавени во дел од медиумите дека очилата за сонце на премиерот Никола Груевски наводно чинат 60 илјади американски долари, и истите тие неточни и невистинити наводи енергично ги демантираме. Очилата за сонце воопшто не се дијамантски или луксузни како што неточно се наведува туку се обични очила за сонце купени по просечна цена какви што може да се купат во секоја обична продавница за очила за сонце во Скопје.
Ваквиот тип на лаги и манипулации стануваат клучен инструмент во борбата на опозицијата за освојување на власт по секоја цена. Пред неполн еден месец, додека премиерот Груевски цел ден беше на службени средби во Париз, од кои најголем дел од нив во македонската амбасада, некои од домашните портали кои се отворени поддржувачи на опозицијата објавуваа невистини дека наводно македонскиот премиер цел ден бил на шопинг и наводно потрошил 100 илјади евра, што е тотална измислица и груба лага. Пред само два дена овие портали објавуваа дека премиерот Груевски наводно е во Монте Карло што повторно се покажа дека е апсолутна лага.
Очигледно е дека претседателот на Владата на Република Македонија е предмет на валкана кампања од страна на некои медиуми финансирани од Сорос. Ваквите обиди за линчување во политиката по секоја цена, само за партијата спонзор на медиумот да дојде на власт станува дегутантна и е крајно нечовечна. Овие медиуми и оние кои ги потхрануваат вака да делуваат ја загубија секоја мерка, излегоа од сите можни рамки на етичноста и човечкиот однос и се претворија во инструмент за линч и за гола борба за власт. Очигледно во наредните 9 месеци Македонија ќе живее во ваква атмосфера на линчови, на лаги и на манипулации, но на 24 април 2016 година мнозинството граѓани ќе дадат јасен одговор на овој начин на водење политика и глумење новинарство, испорачувајќи уште еден пораз за опозицијата и нејзините поддржувачи.