Камен-темелник на спортска сала во општина Кривогаштани
Премиерот Никола Груевски денеска го означи почетокот на градба на новата спортска сала во ОУ „Манчу Матак“ во Кривогаштани за која Владата има издвоено 24 милиони денари.
Салата ќе се гради на површина од 650 метри квадратни, ќе биде опремена со најмодерна спортска опрема, посебни простории за наставниците по спорт и спортски активности и ќе биде оспособена да се користи за повеќе видови на спорт. По нејзината изградба ќе и биде отстапена на Општина Кривогаштани.
- Оваа сала е дел од големиот проект на Владата за изградба на 145 училишни спортски сали низ целата територија на Македонија. Во рамките на овој проект досега се изградени 47 спортски сали за кои се инвестирани околу 23 милиони евра со што се подобрени условите за спорт и рекреација на околу 40.000 ученици ширум Македонија, рече премиерот Груевски, по поставувањето на камен-темелникот.
Тој најави дека во моментов, покрај оваа спортска сала, во фаза на градба се уште други девет спортски сали, а до крајот на годината се очекува да започнат со градба и две нови.
- Со овој проект, но и со проектот за изградба на 35 големи спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 повеќенаменски спортски игралишта и 120 тениски терени, полека но сигурно ја менуваме спортската слика за Македонија, рече Груевски, нагласувајќи дека во иднина тоа ќе донесе повеќе спортски успеси за нацијата.
Нагласи дека проектите на Владата продолжуваат да се реализираат со одлична динамика и одлично темпо и најави дека следниот период ќе следува реализација на уште повеќе проекти.
Тој посочи дека во изминатиот период Владата заедно со Општина Кривогаштани има реализирано повеќе проекти во Кривогаштани и во околните села, како што се реконструкцијата на училиштето „Манчу Матак“ во износ од околу 150.000 долари, изградбата на пунктот на Итната помош, изградба на нова детска градинка и додаде дека во завршна фаза е изградбата на првото повеќенаменско спортско игралиште во Кривогаштани, инвестиција вредна околу 150.000 евра, како и најсовремениот сточен пазар во земјава и пошироко кој ќе чини околу 300.000 евра. Најави реконструкција на неколку локални патни правци, како и проширување на регионалниот пат Кривогаштани – Обршани – Воѓани која ќе чини околу милион евра.
Градоначалникот на Општина Кривогаштани Тони Заткоски истакна дека со помош на Владата во изминативе 2,5 години во општината се реализирани проекти во вредност од околу два милиона евра или, како што кажа, околу 20 милиони денари за реконструкција на локални и регионални улици, 50 милиони денари образование, 23 милиони денари за комунални дејности и урбанизам и пет милиони денари за здравство.
Посочи дека изградбата на спортската сала многу ќе значи за идните генерации бидејќи, како што кажа, во последниве години општината бележи зголемување на наталитетот на повеќе од 30 отсто.