Груевски: Се работи со полна пареа на трите автопати, ангажирани 2.220 работници
Изградбата на трите автопати се одвива според предвидената динамика. Имаше сосема мал застој поради лошите временски услови, но тој е надоместен. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по увидот во градежните работи за реконструкција на железничката станица во Прилеп.
- Во Македонија во моментов се градат три автопатишта и имаме добар прогрес кај сите. На автопатот Скопје – Штип пробиено е 90 отсто од трасата, кај автопатот Демир Капија – Смоквица има прогрес 57 отсто, а на автопатот Кичево – Охрид пробиено е 37 отсто од трасата, изјави премиерот Груевски.
Тој посочи дека се работи со полна пареа на трите автопати и оти за нивна изградба се ангажирани 2.220 работници.
- Изградбата на автопатите има и голема и важна компонента за домашната економија преку ангажманот на локалните компании подизведувачи. Воедно, ќе има и голема компонента и кога ќе бидат завршени во делот на економскиот развој, потенцира Груевски.