Груевски: Владата е во постојана комуникација со граѓаните
Од првиот ден на моето работење сум во постојан контакт со граѓаните. Постојано сум и на терен, нормално и во канцеларија и на состаноци и на патувања, меѓутоа клучното и основното е да го чувствувате теренот, да ги чувствувате потребите на граѓаните, нивните проблеми, да се врши контрола на тоа што е зацртано, да се работи и тоа што е ветено.
Ова е одговорот на премиерот Никола Груевски на барање на новинарите за коментар во врска со неговото постојано присуство на терен меѓу граѓаните, што, според некои, е предизборна кампања.
Ако претседателот на Владата не е постојано на терен, тоа не е добро, нагласи Груевски, додавајќи оти ако не е постојано на терен може да се забави работењето на одредени институции, да се загуби контактот со граѓаните и со нивните проблеми.
- Јас тоа не сум дозволил да се случи и затоа сум постојано на терен и така и ќе останам. Некому, како што и самите кажавте, тоа му изгледа чудно, некој тоа го критикува или го исмејува. Меѓутоа, знам дека мнозинството граѓани во Македонија тоа го поздравуваат и така и ќе продолжам во иднина, беше дециден претседателот на Владата Груевски кој денеска беше во обиколка на неколку места во општините Петровец и Илинден.