Груевски: Владата, преку разни проекти, помага за подобрување на животот на Беровчани
Премиерот Никола Груевски денеска во Берово присуствуваше на пуштањето во употреба на пешачката патека околу Беровското Езеро, инвестиција вредна 12 милиони денари и на отпочнувањето на изградба на нова фекална канализација кон туристичката населба во Берово.
- Проектот за изградба на фекална канализација и приклучување на хотелот ВИП, како и сите туристички капацитети и вили од туристичката населба кон овој систем е неминовна потреба на градот Берово, кое е познато по својата природа и чиста животна средина. Колку и да се развива туризмот мора да се внимава на ваквиот бренд на Берово, рече премиерот Груевски.
Токму од овие причини, како и поради фактот дека градот Берово пие вода од Беровското Езеро, Владата, додаде, реши да и помогне на општината за изградба на овој дел од фекалната канализација со издвојување на три милиони денари.
Имено, со изградбата на канализацијата сите објекти кои моментно користат јами ќе може да се приклучат на системот со што ќе се превенираат можни излевања од канализацијата во езерото, а ќе се направи и чекор напред во зачувување на природата и развој на туризмот.
- Туризмот и понатаму останува во фокусот на нашето внимание. Покрај туризмот, посветени сме и на многу други полиња кои се од значење за подобрување на животот на беровчани и околината, рече Груевски.
Во тој контекст ги спомна изградбата на новата ТИРЗ Берово која очекува да привлече инвеститори и да отвори нови работни места. Ги спомна инвестициите во реконструкција на две локални училишта, изградбата на спортската сала „Македонски бранители“, на фудбалското игралиште „Димитар Беровски“ и на повеќенаменското спортско игралиште во село Смојмирово и најави дека уште едно вакво игралиште ќе се гради во Берово.
Во делот на изградба на водоводни и канализациски системи тој го посочи значењето за изградбата на новата пречистителна станица за фекални води во Берово за што Владата издвои 500.000 евра, а која овозможи стартување со главниот и еден од најголемите проекти во беровскиот крај – доизградба и реконструкција на постоечката фекална канализација во Берово и селата Русиново, Владимирово и Смојмирово, како и поврзување на градот Пехчево и селото Чифлик во пречистителната станица во Берово.
- Ова е еден од најголемите проекти за овој регион. Тендерот веќе го распишавме и во нареден период овој проект ќе започне да се реализира. Целокупната инвестиција е 5,5 милиони евра, а проектот ќе значи надминување на проблемите на беровчани во услови кога има посилни дождови и излевање на канализацијата, како и поставување целосно нов систем во Русиново, Владимирово и Смојмирово, рече Груевски.
Во делот на водоводите најави дека веќе е направена проектна документација и во следниот период се очекува почеток на изградба на нов водовод во Ратево, а во моментов се работи и на проектна документација за изградба на нов водовод за село Двориште.
Премиерот Груевски се осврна и на изградбата на повеќе локални патни правци, а како еден од позначајните проекти што ќе се реализира ја најави реконструкцијата на главната улица „Маршал Тито“ во Берово, како и реконструкцијата на улицата „Дамјан Груев“ во село Русиново.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски истакна дека вкупната должина на изградени локални патишта во општина Берово изнесува 12 километри и е во вредност од 52 милиони денари, а за изградба на пешачки патеки во државата, чија цел е зголемување на туристичката понуда, досега вкупно се инвестирани три милиони евра.
Градоначалникот Драги Наџински истакна дека локалната самоуправа дава приоритет на развојот на туризмот за што ќе придонесат и двата денешни проекти. Пешачката патека околу Беровското Езеро, која е изградена со поддршка на Владата, е во должина од 1.680 метри, а колекторот со кој ќе бидат опфатени новоизградените викендички и хотели во близина на Беровското Езеро е во должина од 800 метри. Тој ќе придонесе за заштита на Беровското Езеро и за квалитетна вода за пиење.
Премиерот Груевски престојот во општина Берово го заокружи со посета на реконструираното ОУ „Никола Петров Русински“. Вредноста на инвестициските работи на училишниот објект е во износ од околу 7,5 милиони денари, од кои околу 4,5 милиони се од Министерството за образование и наука, а три милиони од општината.