Груевски во Хаг ги повика холандските компании да инвестираат во Македонија

Кралството Холандија е долгогодишен и силен поддржувач на мојата земја во нејзиниот евроинтегративен процес. Во турбулентните години на транзицијата, вашата земја несебично ни помагаше да ја зацврстиме макроекономската стабилност, а денес Холандија е наш значаен трговски партнер.
 
Вака претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски го почна своето обраќање на денешниот македонско-холандски бизнис форум кој се одржа во Хаг, каде голем број претставници на холандски компании се запознаа со потенцијалите за инвестирање во Македонија.
 
Премиерот информираше дека билатералната трговска размена меѓу двете земји во изминатите пет години изнесувала во просек околу 110 милиони евра, со јасно изразена тенденција на пораст во изминатиов период.
 
- Сепак, убеден сум дека тоа е далеку под економските потенцијали на двете земји и оти постојат многу неискористени можности за зајакнување на нашата трговска соработка, рече Груевски.

Кумулативниот прилив на холандски директни инвестиции во Република Македонија на крајот на 2010 година изнесува 554,4 милиони евра, што претставува 16,5 отсто од вкупниот прилив на странски директни инвестиции во земјата. Само во првата половина на 2011 година, странските директни инвестиции од Кралството Холандија изнесуваат 91,1 милиони евра.
 
-  Тоа е недвосмислена потврда дека холандските инвеститори веруваат во солидните макроекономски фундаменти и поволната бизнис клима во Република Македонија, земја која има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација, што во просек изнесува 2,5 отсто во последните 10 години, одржливи фискални позиции со низок буџетски дефицит; стабилен девизен курс и низок владин долг на ниво од 26 проценти од БДП, потенцираше Груевски.
 
Информираше дека надворешната трговија се карактеризира со исклучително висок степен на либерализација, кој е близок до оној во развиените пазарни стопанства.
 
Во своето обраќање, македонскиот премиер рече дека од 1 јануари 2011 година, земјите-членки на ЕУ и Република Македонија ги уживаат придобивките на целосно либерализираната трговија на индустриски производи. Членството на Република Македонија во договорот за слободна трговија со земјите од Западен Балкан (ЦЕФТА), истакна, претставува дополнителна можност за пристап и до потрошувачите во регионот на ЈИЕ.

 
- Ако се земат предвид и можностите кои произлегуваат од другите договори за слободна трговија, тогаш оние кои ќе инвестираат и произведуваат во Македонија добиваат непречен пристап до повеќе од 650 милиони потрошувачи, потенцираше премиерот.
 
Груевски ги информираше холандските стопанственици дека Република Македонија веќе неколку години е земја со најлесна, најевтина и најбрза постапка за регистрирање на компании во Европа и Централна Азија.
 
- Во делот на даночната политика,  воведовме ниски и рамни даноци од 10 отсто што ја прави Македонија една од земјите со најниски даноци во Европа, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка, етапно ги намалуваме социјалните придонеси за една третина, со Регулаторната гилотина ја поедноставивме бизнис регулативата, воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, а регистрација на компанија во Македонија може да се направи за само 4 часа. Исто така, имплементирани се суштински реформи во делот на управувањето со градежно земјиште со што максимално е поедноставена постапката за градење, а намалени се и комуналните трошоци, посочи Груевски.
 
Имајќи предвид дека динамичниот економски растеж во голема мера зависи од квалификациската структура на работната сила, повеќе години наназад, додаде, Република Македонија силно инвестира во човечкиот капитал.
 
- За време на големата економска криза во последните две години, Република Македонија мина низ блага рецесија и за многу кратко време успеа да се врати на преткризната патека на растеж на бруто домашниот производ со стапки меѓу 5 и 6 отсто годишно. За постигнатите успеси во реформирањето на деловната клима, земјата во последните 5 години секогаш е во врвот на најдобрите светски реформатори според реномираниот Дуинг бизнис извештај на Светска Банка, рече Груевски.
 
 
Според премиерот, како резултат на подобрената бизнис клима и преземените активности за промоција на Република Македонија, забележан е зголемен интерес кај странските компании за инвестирање во земјата. Информраше дека како поволност за инвестирање во Македонија може да се искористат Технолошко-индустриските развојни зони кои нудат низа поволности за инвеститорите.
 
Груевски изрази уверување дека овој инвестициски форум ќе отвори нови хоризонти во македонско-холандското пријателство.
 
Холандските стопанственици и претставници на компаниите присутни на форумот во најголемиот дел се заинтресирани за инвестирање во македонскиот ИТ сектор, текстилната индустрија и земјоделството.

На форумот во Хаг, премиерот беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, Веле Самак, министерот за привлекување странски инвестиции и Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата на Технолошко-индустриските развојни зони.

Пешевски во своето обраќање рече дека земјата работи силно за остварување стабилна економија и посочи дека резултатите се повеќе од импресивни. Ги повика холандските компании да инвестираат во Македонија и им порача оти нема да згрешат доколку го сторат тоа.

Предходно, во холандскиот град, премиерот се сретна и со извршни директори на повеќе моќни компании од Кралството Холандија.
 
Пред три дена форум од ваков вид беше одржан во Брисел и на него присуствуваа претставници од голем број белгиски компании заинтересирани за инвестирање во Република Македонија.