Заедничка изјава на министрите Попоски,Бушати и Митов во Скопје
Министрите за надворешни работи на Република Албанија, на Република Бугарија и на Република Македонија - Дитмир Бушати, Даниел Митов и Никола Попоски, се сретнаа во Скопје, на 24 август 2015 година и разменија мислења за прашања од заеднички интерес.
Министрите го подвлекоа нивното цврсто убедување дека нема алтернатива за европската и евроатлантска интеграција на Западниот Балкан. Министрите го делат мислењето дека силната заложба за демократија, човекови права, владеење на правото и добрососедски односи во Регионот ќе ја обезбеди заедничката иднина во Европа обединета, слободна и во мир.
Министрите нагласија дека почитувањето на територијалниот интегритет, суверенитет и добрососедските односи е од суштинска важност за долгорочната стабилност и безбедност на Регионот.
Нагласувајќи го долгогодишниот придонес на Република Македонија кон операциите на НАТО, Министрите за надворешни работи на Република Албанија и на Република Бугарија ја изразија нивната поддршка за евроатлантската интеграција на Република Македонија со континуирана посветеност кон пристапниот процес и исполнетоста на критериумите, согласно Декларацијата од Самитот во Велс во 2014. Политиката на „отворени врати“ на НАТО останува моќен инструмент за стабилизирање на Западниот Балкан и за справување со актуелните безбедносни ризици, кои произлегуваат од нестабилноста во блиските региони на истокот и на југот. Евроатлантските аспирации на земјите од Регионот не треба да бидат поткопувани од трети страни. Министрите се согласија за потребата да продолжи соработката во справувањето со заедничките закани за стабилноста на Регионот, вклучително и со насилниот екстремизам, а исто така ја изразија загриженоста во однос на тековната хуманитарна криза која резултира од зголемениот прилив на мигранти во Регионот.
Министерот за надворешни работи на Република Бугарија одново го подвлече ставот на неговата земја за поддршка на европската интеграција на Република Албанија и на Република Македонија и изрази подготвеност за давање помош во напорите на двете земји за исполнување на неопходните критериуми и услови на нивниот пат кон полноправно членство во Европската унија.
Министрите ја нагласија потребата да се подобри транспортната, енергетската и инфраструктурната поврзаност на целиот Регион со цел да се обезбеди одржлив економски развој, странски инвестиции и подобра конкурентност на нивните економии. Министрите конкретно се договорија да продолжат со активностите за соработка за развој на инфраструктурата долж Паневропскиот Коридор VIII. Министрите истакнаа дека подобрата меѓусебна поврзаност на Регионот и ЕУ е од клучна важност за одржливиот економскиот раст и просперитет на Регионот во целина.
Министрите ѝ посакаа на Република Бугарија успешно претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), а на Република Македонија ѝ посакаа продуктивно претседавање со Централно Европската Инцијатива (ЦЕИ). Министрите со задоволство ги очекуваат идните министерски средби во рамките на ПСЈИЕ и на ЦЕИ, предвидени да се одржат на крајот од септември 2015 година, во Њујорк.
Извор : Министерство за надворешни работи