Груевски: Продолжува владината поддршка за општина Теарце
Со 8,8 милиони денари ќе се реконструира локален пат во Непроштено во должина од околу 1,3 километри. Камен-темелник за почнувањето на изградбата на овој локален пат во Непроштено денеска ставија премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и градоначалникот на општина Теарце Исен Асани.
- Овој локален пат беше еден од најоштетените во регионот. Дупките и оштетувањата во голема мерка го отежнуваа движењето на жителите и ги оштетуваа возилата на граѓаните. Од овие причини до нас како Влада повеќепати пристигнуваа барања за поправка. Ние ветивме дека ќе помогнеме и останавме доследни на ветеното. Патот не беше ветен во програмата, но Владата преку Министерството за транспорт и врски најде начин да го реализира овој проект, истакна премиерот Никола Груевски на поставувањето на камен-темелникот.
Додаде дека овој проект не е прв ниту, како што рече, последен проект со кој се излегува во пресрет на барањата на жителите на општина Теарце. Посочи дека во изминатите години се издвоени еден милион денари за реконструкција на доводен цевковод од каптажа до резервоар за водоснабдување на Непроштено, два милиони денари за изградба на примарен водовод во Непроштено, два милиони денари за изградба на примарен водовод во Нераште и, како што рече, еден од поновите годинава е проектот за реконструкција на разводна водоводна мрежа во Доброште. Потенцира дека проекти за подобрување на животот на граѓаните во оваа општина се реализирани и во областа на образованието и спортот и притоа истакна дека е извршена реконструкција на училиштето „Екрем Чабеј“ во Слатино, санација во училиштето „Асдрени“ во Глоѓи, реконструкција на училиштето „Исмаил Ќемали“ во Нераште, асфалтирање на спортски терен во истото училиште, изградба на фудбалско игралиште „Ибе Паликуќа“... Најави дека во наредниот период се планира и изградба на повеќенаменско спортско игралиште во Теарце, како и изградба на училишна сала во Нераште.
- Сите овие проекти, како и многу други кои ќе се реализираат во иднина се јасен доказ дека општина Теарце ја има поддршката од Владата на Република Македонија. Ние како Влада гледаме да помогнеме секаде во Македонија и свесни сме дека помалите општини како Теарце имаат потреба од помош. Сепак, ние не сме луѓе кои ветуваме се и сешто, туку кога ќе ветиме сакаме да останеме доследни на зборот и ветеното да биде исполнето, истакна премиерот Никола Груевски.
Министерот за транспорт и врски Мисајловски посочи дека значењето на овој пат е големо бидејќи тој се поврзува со регионалниот пат кој поминува низ општината. Истакна дека со изградба на новиот пат ќе се подобри животот на граѓаните во Непроштено и околните населени места.
- Фокусот на оваа Влада е изградба на патишта, изградба на нови пруги, училишта, болници, водоводи и канализации и други проекти кои се од големо значење за граѓаните и развојот на државата. Затоа во делот на нашето Министерство непрекинато работиме на изградба и реконструкција на неколку патни правци во овој регион, рече Мисајловски.
Притоа посочи на извршената рехабилитација на регионалниот пат Тетово – Јажинце преку Теарце, инвестиција од 150 милиони денари, надградбата на регионалниот пат делница Теарце – Јегуновце, вредна околу 2,5 милиони денари, надградба на регионалниот пат делница с. Лешок – с. Сиричино, инвестиција од три милиони денари, санација на мостот кај Сиричино, во вредност од околу 13 милиони денари...
Министерот за транспорт и врски најави дека денеска ќе започне рехабилитација на регионалниот пат Тетово – Брвеница – Чегране – Гостивар со должина од 16,5 километри и инвестиција 1,8 милиони ера, патен правец, како што рече, значаен за целиот полошки регион.
Посочи дека само во периодот од 2010 до 2015 година вкупно се изградени и реконструирани 360 локални патишта во должина од 692 километри во вредност од 57,2 милиони евра. Најави дека само годинава ќе бидат изградени и реконструирани 46 локални патишта, инвестиција вредна 7,2 милиони евра.
Премиерот Никола Груевски претходно го посети Порој каде се одвива санација на оштетените објекти од поплавите и невремето, каде имаше и средби со жителите од ова населено место.
Груевски ќе има средби и со жители на Доброште, а ќе пушти во употреба и спортска сала на Државниот универзитет во Тетово.