Груевски: Штетите од поплавите во Тетовско ќе бидат целосно санирани
Премиерот Никола Груевски денеска во рамки на посетата на тетовскиот регион оствари средба со жителите на Доброште и изврши увид во градежните работи што се преземаат во насока на санирање на штетите од поплавите со кои беше зафатено и ова населено место.
Груевски истакна дека институциите ќе продолжат да се ангажираат и во наредниот период се до целосно санирање на состојбите. Жителите на Доброште со изразија благодарност до премиерот за неговата посета и, како што рекоа, неговиот ангажман за помош во санирање на состојбите по поплавите. Тие изразија благодарност што Владата и сите надлежни институции брзо реагирале за санирање на штетите. Едно од семејствата на кои им беше оштетен домот од поплавите се заблагодари за поддршката од Владата со еднократна помош и помошта за обештетување, но и поддршката од Градот Скопје и од Армијата на Република Македонија кои со градежна механизација помогнале во санирање на состојбите од поплавите.
Жителите на Доброште пред премиерот го посочија и проблемот што го имаат со водоводот поради што побараа и реконструкција на водоводната мрежа. За овој проблем премиерот го задолжи министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој посочи дека институцијата со која раководи ќе направи се тој да биде решен. За таа цел беше договорено претставници на општина Теарце и жители од Доброште утре на состанок во Министерството за транспорт и врски да ги разгледаат сите моменти поврзани со решавање на овој проблем.
Претходно премиерот Груевски го посети и населеното место Порој каде што изврши увид во работите поврзани со санирањето на состојбите од поплавите и имаше средба со месното население, а постави и камен-темелник за изградба на локален пат во Непроштено.
Премиерот Груевски во рамки на посетата на тетовскиот регион ќе пушти во употреба и спортска сала во состав на Државниот универзитет во Тетово.