Отворена фабриката на германската „Техникал Текстајлс“ во ТИРЗ Штип
Во штипската ТИРЗ денеска е отворена новата фабрика на германската компанија „Техникал Текстајлс“ чија инвестиција чини околу 15 милиони евра, а во неа ќе се произведуваат повеќе компоненти на фиберглас кој има широка примена во градежната, авионската и автомобилската индустрија.
Премиерот Никола Груевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и сопственикот на „Техникал Текстајлс“ Јинс Вандланд денеска свечено ја отворија фабриката во која веќе работат сто луѓе.
Премиерот Груевски истакна дека во наредниот период во оваа фабрика се очекува да се отворат уште илјада нови работи места, што ќе има големо значење за општините Штип, Кочани, Велес, Свети Николе, Карбинци, Лозово, Конче, Чешиново-Облешево и околните места.
- Ова е втората фабрика во оваа ТИРЗ. „Џонсон контролс“ веќе неколку години работи во зоната, а сега почнува да работи и „Техникал Текстајлс“, а наскоро и италијанската компанија „Кондево“ која ќе започне со својата инвестиција и ќе отвори 250 нови работи места. Тоа се одлични раздвижувања за штипскиот регион. Локалната економија веќе ги чувствува влијанијата на новите инвестиции. Пред неколку месеци се отвори и новата фабрика на „Актива“. Оваа фабрика е во директна врска со белгиската инвестиција на „Ван Хол“ која успеавме да ја привлечеме во изминатите години. Веднаш до новата фабрика на „Актива“ во наредниот период очекуваме изградба на уште една фабрика, овој пат на германската компанија „Семак Фешн“ која во таа зона има купено земјиште од околу 35.000 метри квадратни. Ако некогаш Штип беше град во кој фабриките се затвораа, денес сведочиме на обратен тренд. Денес штипскиот регион е претворен во едно големо градилиште. Се градат голем број објекти, се отвораат фабрики, луѓето се вработуваат, процентот на невработеност полека, но сигурно се спушта надолу, а сето тоа влијае за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Тоа е голема сатисфакција за нашата досегашна работа, рече Груевски.
Тој истакна дека Владата продолжува со инвестициите во ТИРЗ-овите низ Македонија. Продолжуваат и, како што рече, напорите за подобрување на бизнис климата во државата, намалување на бирократските процедури и сето она што значи подобар сервис на државниот апарат кон странските инвестиции.
- Нашите досегашни резултати се добро познати и видливи во цела Македонија. За тоа говорат и самите инвеститори. За тоа е сведок и господинот Вендланд кој во периодот на потрага по локација за својот нов деловен потфат, се откажал од Абу Даби и дојде во Македонија каде што наиде на пријателски расположена влада, добри услови за инвестирање, брзи процедури за старт на инвестицијата и резултатот е оваа фабрика, рече Груевски.
Сопствениот на германската компанија „Техникал Текстајлс“ Јинс Вендланд истакна дека во новата фабрика покрај стоте вработени коишто во моментов работат, планирано е до крајот на годината бројот на вработените да достигне 300 лица.
- Јас во месец мај минатата година бев во авион кон Абу Даби за да потпишам договор за изградба на нова производствена хала, односно токму оваа во која сега се наоѓаме, а требаше да биде изградена во Абу Даби. Тогаш во еден светски економски магазин прочитав мал прилог за Македонија. Се нудеа добри можности за инвестирање. Затоа веднаш решив да го сменам авионот и да заминам за Македонија за да се информирам подетално за инвестирање во вашата земја. Имаше и други земји во кои се нудеа и можевме да добиеме субвенции од Европската унија, односно други големи финансиски поддршки. Тоа во Македонија беше можно само во ограничени рамки, но Македонија покрај другото нуди многу мотивирани работници, голем потенцијал на соработници, многу силна општинска и државна поддршка и многу други работи. Токму ова ја направи локацијата Македонија за нас многу интересна, па оттука тука ние преку Германско-македонско стопанско здружение стапивме во контакт со г. Мизо, а тој со својот тим ни дадоа многу детални информации за можностите за отворање на производствен погон во слободните индустриски зони. Јас многу брзо бев убеден од сета понудена програма и веднаш започнавме со голема брзина да работиме на проектот, рече Вендланд.
Тој истакна дека нова фабрика „Техникал Текстајлс“ почнала да се гради минатата година и во рок од 14 месеци истата е изградена. Во моментов во компанијата има околу стотина вработени, до крајот и почетокот на идната година ќе има околу 300 вработени.
- Доколку целата инвестиција се движи во позитивна насока, како што очекуваме, спремни сме бројот на вработени да го зголемиме со можност бројот во следните години да се искачи и до илјада вработени, како и да направиме други инвестиции во други проекти во Република Македонија. Нашиот делокруг на работа се состои во производство на технички текстил од фибер глас влакна, кој често се користи во повеќе области како фасадната изолација за ветерници, бродската индустрија и други сектори, рече Вендланд.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека новата фабрика „Техникал Текстајлс“ во Штип е изградена на површина од 13.000 метри квадратни во која се инвестирани околу 15 милиони евра, а освен креирањето на работни места, како што рече Мизо, изградбата на фабриката ќе придонесе и за влез на нови технологии, трансфер на знаења, воспоставување на соработка со домашните компании, како и за зголемување на извозот.
- Компаниите лоцирани во ТИРЗ-овите во поголема мера стануваат носители на економската активност во земјата. Во првите седум месеци од годината, извозот на компаниите лоцирани во ТИРЗ-овите изнесува над 820 милиони евра, што претставува зголемување од 24 проценти споредено со истиот период 2014 година. Бележиме континуиран раст на креираните работни места, 2014 година е завршена со 3.500 реализирани вработувања, а во 2015 година проектирана е бројка од околу 5.000 реализирани вработувања во компаниите лоцирани во ТИРЗ-овите. Со свечено означување на почетокот на работа на германската компанија „Техникал Текстајлс“ во ТИРЗ Штип, зона со површина од 208 хектари и 37 градежни парцели стана домаќин на уште една реномирана компанија, рече Мизо.
Тој истакна дека Дирекцијата активно работи на изградба на ТИРЗ-овите во Македонија. Се привршуваат градежните активности во зоните во Кичево, Прилеп и во охридско-струшката зона каде се градат производствени капацитети на компаниите „ОДВ Електрик“, „Гентерм“ и „КСС“, а се работи и на инфраструктурна изградба на другите ТИРЗ-ови, на зоните во Виница, Делчево, Берово, Струмица, Гевгелија.