Средба Груевски - Чакрабарти
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (четврток, 27 август 2015 година) оствари средба со претседателот на Европската банка за обнова и развој, г-дин Сума Чакрабарти во Виена, Австрија.
Премиерот Груевски истакна дека на средбата со претседателот на ЕБОР се разговарало за тековните проекти, вкупно 17, чија реализација во најголемиот дел тече без поголеми застои и проблеми.
Соработката со ЕБОР се одвива преку инвестиции во повеќе сфери како инвестиции во автопатиштата и останатата патна инфраструктура, втората сфера е инвестиции во железница и трето инвестиции во енергетскиот сектор, истакна премиерот Груевски.
Претседателот на ЕБОР Чакрабарти изјави дека е задоволен од соработката со македонската Влада која, како што истакна, е резултат исклучиво на реформските заложби и решеноста за инвестиции во инфраструктурни проекти.
Сметам дека да се соработува со Македонија е добро. Ако погледнеме наназад во текот на изминатиот период на соработка, ЕБОР вложил 1.4 милијарди евра во инвестиции во Македонија. Минатата година беше рекордна година каде имавме преку 250 милиони евра во инвестиции и десетина проекти во приватниот и јавниот сектор. Оваа година тоа се околу 130 до 150 милиони евра и други десетина проекти што значи дека на Македонија и оди доста добро и за тоа постои добра причина. Имено, причината е што Македонија имплементира различни реформи да ја подобри инвестиционата клима. Знаеме како помина Македонија на различните анкети и испитувања во рамки на Светската Банка кои покажуваат се подобри и подобри резултати поради што многу инвеститори вклучувајќи го и ЕБОР, сакаат да инвестираат во Македонија. Тоа се добри вести и поради тоа постои цврсто партнерство меѓу ЕБОР и Македонија, изјави Чакрабарти.
Инаку, ЕБОР и Република Македонија имаат традиционална добра соработка за реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти како што се изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица, како и изградба и рехабилитација на 5 регионални патни правци во вкупна должина од 90 км. Истовремено, со поддршка на ЕБОР се финансира и првата делница од изградбата на железничката инфраструктура Куманово-Бељаковце, како и почетокот на втората делница Бељаковце-Крива Паланка, како и реконструкција на железничката пруга од Коридорот 10.