Премиерот Груевски се сретна со францускиот државен секретар Дезир
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 2.09.2015 година) оствари средба со државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи и економски развој на Република Франција, г-дин Арлем Дезир.
Соговорниците се осврнаа на повеќе актуелни прашања од сферата на политиката, односите меѓу двете држави, можностите за нивно унапредување и збогатување, како и за темата со европските интеграции на државата.
На средбата соговорниците дадоа позитивна оценка за меѓусебните односи, кои се со потенцијал за дополнително развивање како на полето на дипломатијата, така и во полето на економијата.
Премиерот Груевски се заблагодари за принципиелната поддршка која Република Франција и ја дава на Македонија за нејзините европски интеграции кои претставуваат стратешка цел на државата и на чие реализирање активно се работи преку исполнување на повеќе мерки и реформи.
Соговорниците се осврнаа и на темата со илегалните мигранти при што се сложија дека потребна е заедничка и координирана соработка во поширок контекст, а во насока на разгледување на решенијата и преземање на одлуки и мерки кои ќе бидат во правец на надминување на актуелните состојби.
Двете страни ја истакнаа отвореноста за соработка за проекти во различни области кои ќе ја динамизираат економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.