Со владина помош ќе се решаваат проблемите на жителите на Волково и Ново Село
Премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Ѓорче Петров, Коце Трајановски и Сокол Митровски, денеска извршија увид во градежните активности за реконструкција и изградба на повеќе улици во општина Ѓорче Петров.
Станува збор за проектот „16 новоизградени и реконструирани улици во Општина Ѓорче Петров“. Средствата во висина од 1,3 милиони евра се обезбедени од Светска банка, а работите кои треба да завршат до крајот на годинава ги изведува АД „Карпош“ - Скопје.
Со проектот се опфатени улици за чие реконструирање или санација не е преземено ништо во последниве 40 или 50 години. Со сегашните градежни работи освен што се нанесува нов асфалт, се заменува и канализациската и водоводната инсталација, а ќе бидат изградени и тротоари.
Досега се завршени улиците „Браќа Галеви“, „Злате Михајловски“, „Ибе Паликуќа“, кракот 7 на улицата „Ѓорче Петров“ и улицата „70“ во Волково, а на останатите улици во тек се градежни работи.
Во директна комуникација со премиерот Груевски, жителите на Волково и Ново Село ги искажаа своите проблеми за кои на лице место беа договарани и решенија.
Во Волково жителите го посочија проблемот поврзан со потребата од изградба на канализациски систем. Груевски ги информираше дека за ова ќе се разговара на првата наредна владина седница, за што побара од министерот Мисајловски во соработка со градоначалникот Митровски да ги разгледа сите можности за изнаоѓање финансиски средства за почнување и реализација на овој проблем во Волково, а истовремено и за изнаоѓање средства за вакви проекти и за други населени места.
На средбите беше договорено да биде изграден и крак од фекална канализација и да бидат асфалтирани неколку улици во Волково.
На средбите со жителите во Ново Село, премиерот беше информиран за повеќе проблеми со кои се соочуваат жителите. Во врска со посочениот проблем за изградба на тротоари на средбата беше договорено да се пристапи кон решавање на ова барање на жителите.
Граѓаните побараа и надградба на училишниот објект за што премиерот Груевски ги информираше дека овој проект ќе се реализира наредната година, а во меѓувреме побара од заменик-министерот за образование и наука и градоначалникот до крајот на годината да се заврши проектот.
Жителите на Ново Село, благодарни за посетата на премиерот и можноста за директни средби со него, информираа и за потребата од изградба на неколку улици, за што беше договорено една улица да се гради преку Град Скопје, а другите преку Општината Ѓорче Петров.
За време на средбите повеќе граѓани од двете населени места разговараа со премиерот Груевски за повеќе проблеми и истакнаа дека ова е пример како се работи во интерес на решавање на проблемите на граѓаните.