Премиерот Груевски во Сарај, Љубин, Шишево и Матка
Премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска ја посетија општина Сарај.
- Денеска сум во посета на повеќе населени места со цел да се сретнам со повеќе граѓани и да слушам за нивните размислувања, предлози, критики, идеи и да остварам директен контакт што е дел од мојата работа и мислам дека така треба да се работи, рече Груевски.
Toj изврши увид во градежните работи на новото средно училиште во Сарај, што го финанасира Владата преку Министерството за образование и наука.
- Работите се одвиваат добро, согласно динамиката што била предвидена. Во ова училиште ќе се инвестираат околу 670 илјади евра, за негова изградба, истакна премиерот, појаснувајќи дека Сарај нема средно училиште, а средношколците од оваа општина одат во други, како во Бутел или други пооддалечни општини.
Училиштето ќе има капацитет за 350 ученици во една смена или вкупно 700. Во најголем дел тука ќе учат учениците од оваа општина, како и од соседните. Според најавите, ќе биде завршено до крајот на октомври, а по хортикултурното уредување и со патеката, до крајот на годината ќе се пушти во употреба.
Премиерот Груевски оствари средба со граѓаните на Љубин, ги ислуша нивните барања и договори повеќе конкретни работи. Беше посочен проблемот со катастарско впишување на денационализирани парцели за што беше договорено директорот на катастар со стручна екипа утре да дојде и да ја разгледа можноста за изнаоѓање решение.
За утре е договорен и состанок во ЈСП-Скопје за поинтензивно да сообраќа автобусот број 32 до населеното место Љубин. Исто така, на барање на граѓаните за наредната година се предвиде реконструкција и помош во опремување на училиштето.
На средбите со жителите во Шишево премиерот беше запознаен со проблемот со патот во селото за што Трајановски информираше дека од утре почнува санација на патот во селото, во должина од два километра.
Жителите од Матка го информираа премиерот и за проблемот со канализацијата при што на средбите беше потенцирано дека доколку општината има проект, ќе се разгледаат можностите за негово финансирање. За таа цел беше договорено на седница на Влада министерот за транспорт и врски да информира за можностите за дополнителна реализација на вакви проекти.
Граѓаните се пожалија дека општината не го дава на користење тениското игралиште што го изгради Владата. Откако потенцира дека игралиштата се градат за граѓаните, Груевски наложи институциите да проверат што е проблемот и негово надминување.
На средбата, по барање на жителите, беше договорено за 15 дена да дојде механизација и да почне чистењето на речното корито. Во однос на жалбите за нередовното сообраќање на приватните автобуси, премиерот побара од надлежните да се разговараат со сопствениците за почитување на дефинираниот возен ред.