Се отвора рускиот пазар за македонската млечна и месна индустрија
Микробиолошка исправност, детектирање присуство на контаминенти и резидуи во храната, како и нејзина следливост особено во однос на суровината која во најголем дел треба да биде од Македонија, но може да потекнува и од земји кои извезуваат во Русија, се клучните услови што треба да ги исполнат македонските компании за пласман на рускиот пазар.
Ова го порачаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски по денешната посета на МИК Свети Николе.
По контролите од руска страна кои почнаа во јули годинава, оценето е дека од вкупно 15, само три компании или четири погони за млечни производи ги задоволуваат критериумите. Останатите, девет од млечната и шест од месната индустрија, имаат период од 60 дена во кој треба да ги отстранат констатираните недоследности.
- Ако Македонија, која брои 8.000 вработени во месната индустрија, успее да произведе квалитет по конкурентна цена, тогаш за неа се надминуваат извозните бариери и се отвораат сите пазари, нагласи министерот Цветков.
Агенцијата за храна, додаде директорот Поповски, ќе им помогне на преработувачите да ги спроведат потребните барања за извоз на рускиот пазар кои, меѓу другото, се однесуваат и на законодавството.
- Македонската легислатива е прилагодена на европската, но таа делумно се разликува од руската и поради тоа мора да се поработи во овој сегмент, да се обезбедат условите што ги бараат руските колеги, нагласи Поповски.
Според претседателот на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев, досега во Русија извезувавме само овошје и зеленчук, а сега се отвора можност и за месната и млечната индустрија.
- Бизнис заедницата заедно со институциите го стави клучот во бравата, ги отвори вратите и сега останува на компаниите да го планираат производството за да можат да извезуваат повеќе на рускиот пазар, рече Бешлиев.
Директорот на МИК Свети Николе Влатко Георгиевски нагласи дека ако капацитетот ги исполни овие, за нив, едноставни барања од руска страна, тогаш за месната индустрија ќе се отвори огромен пазар.
- Тоа ќе значи потреба од поголемо производство, отворање нови работни места и развој на фармерството во Македонија, истакна Георгиевски.
МИК Свети Николе, како што информира директорот, објави нов повик за откуп на 25.000 гоеници по цена од 1,30 евра за килограм.
Податоците околу македонско-руската размена се различни. Македонската статистика вели дека во првите шест месеци од годинава размената со Русија била 13,9 милиони долари, додека руската покажува 46 милиони долари, посочи Бешлиев.