Ставрески изврши увид во реализацијата на проектите наменети за граѓаните во Василево
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска ја посети oпштина Василево каде на средба со општинското раководство и бизнисмени кои инвестираат во индустриските зони во овој регион се запозна со тековните проекти за подобрување на условите за водење бизнис и за живеење.
Во Висока Маала во општина Василево, Ставрески изврши увид на активностите за изградба на ново училиште, инвестиција што се реализира со помош на турската владина организација ТИКА. Училиштето ќе има четири училници, канцеларии и санитарии. Капацитетите треба да одговорат на потребите на 40-тина ученици кои досега следеа настава во просториите на Домот на културата. На барање на жителите од Висока Маала, вицепремиерот Ставрески и градоначалникот Стојанов ветија и изградба на спортско игралиште кое ќе биде сместено до училишната зграда.
Во Подрачното училиште „Гоце Делчев“ во селото Радичево, кое го посети министерот Ставрески, покрај реконструкцијата ќе се постави и систем за парно греење. За проектот во вредност од 2,6 милиони денари, 600 илјади денари се обезбедени од општината, а два милиони денари од приватни донатори. Со комплетната реконструкција што почна минатата година сменети се покривот, столаријата и громобранската инсталација. Со поставување на котлара и инсталации за топловодно греење покрај подобри услови за учениците, училишната зграда ќе стане и енергетски ефикасна и ќе се намалат трошоците на општината.
Во тек се и активности за јавни набавки и за проекти за поставување системи за топловодно греење во училиштата во Сушево, Добрашинци и Чанаклија во општина Василево.
При посетата на вицепремиерот Ставрески беше означен и почетокот на изградба на улица во индустриската зона, проект во вредност од 2,8 милиони денари, а беше пуштен во употреба и парк на влезот во селото Василево. Инвестицијата за паркот изнесува два милиони денари, од кои 1,2 милиони денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а 800 илјади денари од буџетот на Општина Василево. Паркот е лоциран на влезот на селото покрај магистралниот пат.