Годинава 17 македонски дела ќе бидат преведени на 17 странски јазици
Годинава 17 дела на македонски автори ќе бидат преведени на 17 странски јазици во рамки на Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странски издавачки куќи.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која појасни дека од објавувањето на конкурсот во 2014 година до денеска во Министерството за култура пристигнале 74 пријави на 38 издавачки куќи од целиот свет.
- Стручната комисија во состав Нове Цветаноски, проф. д-р Виолета Димова и м-р Енвер Беќири согласно предвидените критериуми на конкурсот поддржаа превод на вкупно 47 дела на македонски автори, 30 во 2014 и 17 во 2015 година кои ќе бидат преведни на 17 странски јазици-полски, српски, руски, германски, словенечки, украински, хрватски, француски, бугарски, црногосрки, албански, турски, италијански, ерменски, дански, шпански и амхарски, рече Канческа-Милевска.
Според неа, ова е исклучителен успех за македонските автори и за македонското литературно творештво.
- Министерството за култура успеа преку овој модел на поддршка да обезбеди соодветен и достоинствен третман на нашите автори кај странските издавачки куќи, ефективна промоција на нашето творештво, но и на нашата држава во меѓународен контекст, рече Канческа-Милевска. Додаде дека ова е еден од најпродуктивните проекти кои досега се реализирани во литературната дејност кај нас.
Министерката за култура појасни дека од 1 јуни до Министерството за култура пристигнале нови седум апликации, кои се поддржани. Прифатено е издавачката куќа „Хохе“ од Етиопија на амхарски јазик да го објави романот на Гоце Смилевски „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Издавачката куќа „Твердинија“ на украински јазик ќе го објави ромнот за деца „Збркана сказна“ на писателот Киро Донев. Романот „Куќичка“ на Оливера Николова од издавачката куќа „Арка“ ќе биде објавен на српски јазик. На бугарски јазик ќе бидат преведени делата „Очи со боја на чевли“ на Петар Андоновски и „Човекот што ги сакаше калинките“ на Душко Родев ќе бидат објавени од бугарската издавачка куќа „Персеј“ од Софија. ИК „Изида“ ќе го објави краткиот роман „Бело и црвено“ на Михајло Свидерски и книгата на Васко Шутаров „Јавна и културна дипломатија“.
Канческа- Милевска рече дека за претходната и за годинава се издвоени околу 88 илјади евра од буџетот на Министерството за култура.
Нове Цветаноски, претседател на стручната комисија која одлучуваше по конкурсот потенцира дека македонската литература освојува нови простори и нови јазици.
- Благодарение на овој конкурс добиваат можност за афирамција веќе познати македонски писатели и писатели од помладата генерација, рече Цветаноски.
Писателката Оливера Николова изрази надеж дека македонските дела ќе извршат мисија надвор од државата и оти ќе овозможат, како што рече, проширување на нашите видици, на нашата можност да се споредуваме со други и да се инспирираме од други.
- Ако државата овозможи нејзините автори да комуницираат со други средини мислам дека извршила добра мисија, рече Николова.