Интерес за Академијата за филм во Охрид, стипендии за избраните студенти
Над 1.000 посети се регистрирани за два дена на интернет страницата на новоосновата Филмска академија во Охрид, за која се во тек уписите.
На Институтот за филм, кој ќе биде придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, ќе предаваат професори од петтата најстара филмска школа во светот, ФАМУ од Прага.
- Во првата година од функционирањето, Институтот за филм започнува со постдипломски студии на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција. Програмите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, а ќе ги реализираат редовни, но и визитинг професори од Чешка. Секако, во иднина понудата ќе биде дополнително надградена и проширена, вели заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Плановите се институтот да прерасне во регионален едукативен центар. Македонското образование, посочува Ристовски, ќе се унапредува со помош на најдобрата европска филмска школа.
На ФАМУ, петта најстара филмска и телевизиска школа во светот, меѓу другите, се образувале македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, како и режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.
За упис на академијата за филм во Охрид заинтересираните кандидати од државава и странство може да аплицираат преку пополнување електронска пријава на веб страницата www.filmacademyohrid.com,. Стручен тим на Академијата ќе организира интервјуа и ќе изврши конечна селекција на идните студенти. Официјалната интернет страница на Академијата, нагласува Ристовски, во првите два дена има повеќе од 1.000 посети.
Почетокот на новата академија Министерството за образование и наука ќе го поддржи и со доделување 20 стипендии за студентите.
- Имајќи предвид дека се работи за нова високо образовна установа, во исклучително специфична област за овие простори и со релативно високи трошоци за студирање, Министерството за образование и наука одлучи за избраните студенти да додели дваесет целосни стипендии за студирање, за чиешто користење основен предуслов е кандидатот да е примен на оваа високо образовна установа. Сите дополнителни информации за останатите критериуми, како и за условите за доделување, може да се обезбедат на нашиот специјализиран интернет портал за стипендии –www.stipendii.mon.gov.mk, истакнува Ристовски.
Тој очекува успешен старт на проектот со кој смета дека ќе се зацврсти позицијата на македонското образование на меѓународно ниво и ќе се даде дополнителен импулс на националната, но и на регионалната филмска индустрија.