Обуки за дефицитарни занимања за 300 невработени лица
Триста невработени лица од утре ќе имаат можност да аплицираат за обуки за дефицитарни занимања со цел полесно да најдат работа на пазарот на труд.
- Приватните компании имаат потреба од обучен и квалификуван кадар кој ги поседува вештините и знаењата побарувани на пазарот на труд. Во соработка со Агенцијата за вработување на Република Македонија нудиме можност овие лица да посетат една од обуките во приватните компании кои имаат сертифицирани програми за обука и да се стекнат со дополнителни вештини да ја зголемат својата шанса за вработување, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по посетата на компанијата „Техногума“ каде веќе се спроведуваат вакви обуки од претходните огласи.
Тој очекува на јавниот повик да се јават поголем број невработени лица и да се обучат како аргонзаварувачи, фасадери, монтажери на соларни панели, ракувачи со дигалки или виљушкари... што, како што истакна, ќе бидат дел од огласот кој ќе биде објавен утре. За реализација на оваа мерка, информира министерот Спасов, се обезбедени 15 милиони денари.
Директорот на АМВР Влатко Поповски смета дека ваквиот тип на обуки во кои невработените се обучуваат директно во работна средина се можност тие да се стекнат со работни навики и да работат со софистицирани машини. Така, рече тој, тие ќе добијат соодветно искуство и полесно и поскапо ќе можат да се продадат на пазарот на труд.
- Ние утре го објавуваме третиот оглас за дефицитарни занимања. На првиот имавме 180, на вториот 220 и сега 300 невработени лица за обуки за некоја од побаруваните вештини, истакна Поповски..
Тој информира дека постојано се работи со компаниите и работодавачите да се види какви вештини се потребни, каде можат да се обучуваат лица за таквите вештини, но и да се мотивираат компаниите кои досега не регистрирале обука, а можат да обучуваат за такви дефицитарни вештини да станат обучни центри.
Техногума е компанија која изработува производи од гума. Започна да учествува во мерките што ги нуди АВРМ за обука за побарувани занимања на пазарот на труд, но и компанија која започнала да произведува производи за дел од странските инвеститори кои отворија фабрики во Македонија.
Министерот Спасов очекува компанијата да ги искористи и останатите можности кои се нудат за вработување. Позитивно е, рече Спасов, дека таа е една од 20-те кои досега регистрирале посебна сертифицирана програма за обука на невработени лица. Во моментов во компанијата има шест лица кои посетуваат неколкумесечна обука за побарувани занимања. Дел ќе се вработат тука, а дел во останатите приватни компании во Македонија.