Две компании со понуди за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“
Две компании PPC од Грција и CWE од Кина утринава до 10 часот, кога истекуваше последниот рок, до Министерството за економија доставија понуди на јавниот тендер за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, информира министерот за економија Ваљон Сарачини.
- Можам да кажам дека моите очекувања се реализираа со доставувањето на двете понуди на тендерот за изградба на Чебрен и Галиште. Овој проект е од големо значење за енергетската, како и за економската состојба во државава, изјави министерот Сарачини и додаде дека визијата на Владата за пролонгирање на рокот на тендерот се покажала како успешна.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски рече дека е добро што две компании, во момент кога кризата во Европа се продлабочува, се јавиле на тендерот иако, како што кажа, се уште е рано да се оцени дали ќе биде успешен или не.
- Дали понудите се целосно во согласност со барањата од тендерската документација ќе треба да биде констатирано од страна на Тендерската комисија. Би требало до крајот на годината во соработка со консултантот IFC од Светска банка да достават извештај до Владата, која потоа ќе заземе став дали понудите се технички исправни и дали воопшто ќе се одлучи да ја додели концесијата, изјави вицепремиерот Пешевски.
Тој посочи дека проектот за изградба на Чебрен и Галиште доколку се реализира ќе биде најголем од осамостојувањето.
- Доколку почне реализацијата на проектот нето ефектот само од градбата ќе биде зголемување на БДП за дополнителни 2 проценти годишно од нормалната стапка на годишен раст на македонската економија, истакна Пешевски.
Претседателот на Тендерската комисија Јасна Давидовиќ од ЕЛЕМ посочи дека од првичното отворање на понудите се гледа дека PPC понудила 28 отсто од акциите во идните електрани да бидат на ЕЛЕМ, додека CWE нуди 40,5 отсто. Процентот на акциите кои се нудат на ЕЛЕМ е главниот и единствен услов на тендерот.
- Ги отворивме понудите и ги погледнавме само формата на понудата, гаранцијата и овластувањето. Останува да се прегледаат останатите документи меѓу кои техничките параметри за објектот што ќе се гради и финансиската конструкција за да се утврди дали понудите се соодветни на бараното во тендерската документација, изјави Давидовиќ и рече дека е рано да се каже било што иако станува збор за реномирани компании за кои не верува дека направиле грешка во понудата што ќе доведе до нивно дисквалификување.
Доколку една од компаниите биде дисквалификувана, истакна, тендерот ќе биде успешен и со една понуда, бидејќи имаше претквалификации во кои учествуваа десет компании од кои само две дадоа понуди.
Според неа, доколку биде избран концесионерот за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“ главните работи би почнале за 1,5 година од потпишувањето на договорот до кога ЕЛЕМ е обврзан да ги заврши пристапните патишта и мрежното поврзување на градилиштето за новите електрани. Дотогаш треба да се направат и еколошките елаборати.