Пешевски во општина Петровец
Ќе се проширува индустриската зона Ќојлија со дополнителни 27 хектари земјиште. Владата и општината Петровец работат на пренамена на земјиштето за постојните 196 хектари да се прошират со уште 27 и вкупната големина на зоната да биде над 220 хектари.
Причина за проширувањето, според општинските власти, е инстересот од инвеститорите. Веќе се продадени 77 локации на потенцијални инвеститори, а на продажба е огласена и последната парцела.
- Околу 10-ина објекти се градат во моментов. До крајот на следната година би требало да почнат со градба уште 30-ина, така што постепено и општина Петровец станува една индустриска општина која има голем број на нови работни места и едноставно развојот ќе продолжи и понатаму, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски при денешната посета на Ќојлија
Според градоначалникот Борче Митовски, за два-до три месеци ќе се заврши процесот за проширување на зоната за да може да се одговори на интересот од инвеститорите.
- Интересот за влез на други инвеститори е огромен. Имаме голем број странски и домашни инвеститори. Местоположбата, отвореноста на општината, близината на аеродромот, на автопатот Е-75 си го направија своето. Заедно со Владата работиме на проширување на зоната и се надевам за два до три месеци ќе го завршиме тој процес и ќе можеме на сите оние преостанати инвеститори кои сакаат да дојдат во општина Петровец да градат да им излеземе во пресрет, изјави Митовски.
Вицепремиерот Пешевски, покрај престојот во Ќојлија во Општина Петровец се запозна со повеќе тековни општински проекти и инвестициите од приватниот сектор. Во Општината ќе бидат отворени нова градинка и приватна болница со околу 100 нови работни места, а во тек е и изградба на канализациска мрежа.
- Задоволен сум од она што го видов на терен. Нотирав и некои забелешки на граѓаните од најразлична природа коишто дали преку централната власт или во соработка со општината ќе ги надминеме. Но, она што е важно е дека работите продолжуваат со несмален интензитет на сите фронтови и јас верувам дека во годините што следат ќе бидеме сведоци на ова место кај што стоиме на голем број на нови производствени погони и на неколку илјади нови работни места коишто ќе бидат отворени во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Градинката е со капацитет за 80 дечиња и ќе биде отворена за два месеца.Се гради на површина од 310 метри квадратни, а инвестицијата изнесува 10 милиони денари. Граѓаните на средба со Пешевски истакаа дека со отворањето на градинката ќе им се реши долгогодишниот проблем за згрижување на децата.
Болницата, пак, е италијанска инвестиција од 15 милиони евра на површина од 17.000 метри квадратни и капацитет од 400 кревети.Треба да почне со работа до крајот на годината. Претставниците на инвеститорот го информираа Пешевски дека во координација со општината прибираат апликации за вработување.
Раководството на општината го запозна Пешевски и со плановите за изградба на локален пат во село Ржаничино, рехабилитација на патот Петровец – Огњанци и реконструкција на улица „10“ во село Петровец, како и тековната изградба на канализација Ржаничино од ИПАРД програмата, како и првата фаза за канализација во Петровец, со средства од Европската инвестициска банка.