Министерката Елизабета Канческа Милевска во работна посета на Танец
Ансамблот денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која ја пофали неговата мисија за негување и афирмација на македонската традиција.
- Таа безвременска димензија на „Танец“ како врвна национална институција која го презентира нашиот фолклор беше потврдена на сите меѓународни претставувања во оваа година, со преполни сали и овации. Горди сме од сето она што го работи „Танец“ и како ја презентира македонската култура и идентитет, изјави Канческа-Милевска.
Со директорот Џорлев разговарала за тековните активности, за инвестиции и за идните програмските содржини на ансамблот. Најави дека во план за 2012 е целосно завршување на фасадата на објектот на „Танец“. Годинава бил сменет азбестниот покрив, прозорците и се реновирани гардеробите. Наскоро ќе биде отворена спомен-соба за презентација на сите меѓународни признанија, а се планира и дигитална архива за зачувување на сиот материјал што „Танец“ го создал во изминатите 62 години.
Канческа-Милевска рече дека Министерството за култура и натаму ќе помага за подобрување на условите за работа на играорците, хористите и членовите на оркестарот, како и за екипирање на ансамблот. Соопшти дека се овозможени шест нови вработувања до крајот на годинава.
„Танец“ нема сопствена сала за концерти и ги користи сцените на МОБ и МНТ. Но, просторот во кој се вежбаат кореографиите оваа година се користи и за едукација на деца од градинките и основните училишта.
Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“ ќе ја заврши 2011 со настап во Сава-центарот во Белград на 18 декември, заедно со националните фолклорни ансамбли на Србија и Бугарија - „Коло“ и „Филип Кутев“, а на домашната сцена ќе има голем хуманитарен концерт на 21-ви месецов.
Директорот на „Танец“ Зоран Џорлев е задоволен од 43-те настапи на „Танец“ од 30 март, кога тој ја презеде раководната функција. Посебно од меѓународните претставувања во Талин, Кина (Пекинг и Далијан) и во Турција - од каде што веќе има покани за следни гостувања - во Анкара и во Кушадаси. Догодина ансамблот во полн состав ќе гостува во катарската престолнина Доха, како и на фестивали во Словачка и веројатно во Марибор, кој во 2012 ќе биде град на европската култура.