Македонија три позиции погоре во Извештајот за конкурентност на Светскиот економски форум
Светскиот економски форум во најновиот Извештај за глобална конкурентност ја рангираше Македонија на 60. место што претставува подобрување за три позиции во однос на лани. Во три последователни години подобрувањето е за 20 позиции, а во спордба со 2007 година за вкупно 34.
Како што рече вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Владимир Пешевски на денешната конференција „За конкурентност - можности и предизвици за Република Македонија“, земјава трета година по ред бележи континуирано подобрување кај 41 фактор од вкупно 115-те кои го сочинуваат индексот на конкурентност меѓу кои: квалитет на целокупната инфраструктура, вклучувајќи ја и авиотранспортната, влијание на деловни прописи врз странски директни инвестиции, товар на царински процедури, сигурност на банките,...
- Задоволни сме што Македонија продолжува со својот прогрес, што ја зголемува конкурентноста зашто тоа конечно ќе значи зголемување на платите, извозот, на сите макроекономски параметри, но и поодбрување на животот на граѓаните, истакна Пешевски.
Извештајот, додаде, детално ќе биде разгледан и согласно насоките наведени во него, како и согласно состојбата и резултатите од веќе донесените политики, ќе се дефинираат дополнителни приоритети со цел продолжување на ваквиот тренд, односно натамошно уште поголемо унапредување на конкурентноста.
- Во добар дел од областите каде што бележиме подобрувања неколку години по ред, може да се препознаат позитивните ефекти од владините политики. Трета година по ред се бележат значајни резултати во делот на иновациите што е заслуга на интензивните заеднички активности со Националниот совет за претприемништво и конкурентност (НСПК), посочи Пешевски, додавајќи дека во Извештајот, Македонија е подобро рангирана од повеќето земји во регионот, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Србија, БиХ.
Тој го потенцира работењето на приватниот, јавниот и невладиниот сектор, на стопанските комори и образовните институции кои доставуваат предлози до Владата што потоа заеднички се разгледуваат и се преточуваат во конкретни решенија.
- Ваквата определба на Владата ќе продолжи особено и ако се земе предвид дека има интензивна соработка и поддршка од меѓународните партнери од САД, ЕУ, Светска банка, швајцарската и германската влада на полето на унапредувањето на конкурентноста на домашната економија, развојот на приватниот сектор и унапредувањето на јавно-приватниот дијалог, подвлече Пешевски.
Одговорајќи на новинарски прашања, вицепремиерот предочи дека токму кај подиндексот Иновативност, Македонија бележи најголем напредок, за 14 позиции.
- Очигледно е дека она што се прави е во вистинска насока. Простор за подобрување има секогаш и сите забелешки, и од извештаите на ЕУ, на Светскиот економски форум и други организации што прават вакви анализи, ние ги земаме целосно предвид и соодветно на тоа креираме мерки и политики. Свесни сме дека ситуацијата во Македонија не е идеална, но многу е важно дали се движите во вистинска насока или не. Во случајов, се упатува на тоа дека се движиме во вистинска насока и дека треба да се проодлжи понатаму, рече Пешевски.
Во рамки на заложбите да биде вклучена во сите регионални иницијативи и проекти за унапредување на економијата, Македонија, ифнромира Пешевски, ја поддржа платформата за развој на претпријатија и иновации во Западен балкан - регионален проект вреден 140 милиони евра и е прва потписничка на договорот за основање регионален фодн за иновации кој официјално ќе почне со деловни активности во почетокот на октомври.
Шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија Аиво Орав во обраќањето на конференцијата укажа дека локалните бизниси се соочуваат со големи предизвици кои не зависат од нив. На деловната заедница, рече, влијаат грчката криза и привременото затворање на хрватско-српската граница, но и внатрешните прашања како политичката криза, јавните набавки и владеење на правото.
Орав се осврна и на борбата против корупцијата со напомена дека „коруптивните пракси се голема пречка за водење бизнис, ја нарушуваат правичната пазарна конкурентност и влијаат врз опстанокот на бизнисите“.
- Сакам да ги повикам донесувачите на политики правилно да ги спроведуваат реформите и да лоцираат доволен буџет за да ја направат соодветна таа средина за институциите да си го завршат својот дел од работата. Владата, бизнисите и граѓанското општество мора да соработуваат за да ги надминат овие предизвици. Сите засегнати страни треба да бидат слушнати и нивните гласови да бидат почитувани. Тоа е потребно за поодржлив модел на соработка, нагласи Орав.
ЕУ, додаде амбасадорот, препорачува владеење на правото и враќање на довербата во јавните инстутиции и да нема никакви влијанија врз бизнисот од страна на судот.
- Важни се објективноста и непристрасноста на судскиот систем. Нема никаква потреба судовите да бидат оптоварени од партиски притисоци, ниту да има политичко влијание врз јавната администрација. Предизвикот е да се врати довербата во институциите, граѓаните и бизнисите да имаат доверба во нив, истакна Орав.
Воедно потсети дека ЕУ и нуди голема поддршка на Македонија. За периодот 2014 - 2020 година на земјата од ЕУ и се на располагање 730 милиони евра за поддршка на конкурентноста.
Светскиот економски форум во Извештајот за конкурентност 2015-2016 година обезбедува споредба на 140 економии во светот.