Средба Груевски - Бан Ки Мун во Њујорк
На средбата се разговараше за активностите на Република Македонија во рамките на Обединетите Нации, соработката во остварувањето на поставените цели, процесот на разговори помеѓу Република Македонија и Република Грција за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение околу наметнатиот спор помеѓу двете земји, и за предизвиците во врска со мигрантите.
Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија во целост ги поддржува поставените цели на Обединетите Нации и дава активен придонес во нивната реализација преку реализација на проекти на домашно ниво и преку поддршка на истите на мултилатерално ниво.
Тој го информираше Генералниот секретар за реформите кои ги спроведува нашата земја за унапредување на стандардите во сите општествени сфери, како и за номинацијата на Република Македонија за кандидат за следен генерален секретар на Обединетите Нации.
Во однос на процесот на изнаоѓање на решение за наметнатиот спор од Република Грција, премиерот Груевски истакна дека е потребно да се зголеми интензитетот со што би се надминал застојот и што би водело кон поголеми можности за изнаоѓање решение, додавајќи дека Република Македонија посветено и одговорно се однесува кон ова прашање.
Генералниот секретар Бан Ки Мун изрази позитивна оценка за придонесот на Република Македонија во реализацијата на целите на Обединетите Нации.
Во однос на предизвиците со мигрантите беше истакнато дека е потребен координиран пристап на меѓународната заедница со цел надминување на сите предизвици поврзани со оваа тема.
Двајцата соговорници разменија мислења и околу останати теми кои се значајни за меѓусебната соработка и мултилатералните прашања.