Честитка од премиерот Груевски по повод 11 Октомври

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани жители на македонската дијаспора,

Празнувањето на 11 Октомври, денот на народното востание и оваа година нe навраќа на големата борба со која пред 74 години беше навестен крајот на фашистичкиот период и конечно ослободување на Македонија.

Памтењето и празнувањето на ваквите денови служи како потсетник на моментите од историјата во кои кога е најтешко, но и најпотребно, нашиот народ демонстрира неизмерна храброст и истрајност. Подигнувајќи се против далеку поброен, подобро опремен и посилен противник борците од Народноослободителната војна пожртвувано и несебично решаваат и по цена на своите животи да му застанат на патот на злото.

Нивната битка е и порака до нашата и до сите идни генерации. Љубовта кон татковината и чувството на одговорност кое произлегува од можноста да се направи нешто со што би се спречило страдањето на многу луѓе е чекор кој ја заслужува нашата огромна почит. Одзивајќи се на повикот на слободата тие ги изгазиле последните неколку чекори од патот до конечното формирање на македонската држава и триумф над фашизмот. Ваквата одлучност да се застане во одбрана на човештвото, хуманоста и правдата се извор на нашата гордост и почитување.

Драги сограѓани,

Нашата мисија денес е да ја издигнеме Македонија кон нови успеси и да ја донесеме до нови победи, овој пат поинакви, но еднакво делотворни за сите граѓани. Напорите за економски развој и борбата за секое ново-отворено работно место, вложувањата во здравството, во образованието и инвестирањето во квалитетни и повисоки стандарди во македонското образование кои ќе обезбедат посигурна и просперитетнa иднина за нашите млади, инвестициите во инфраструктурата, во изградбата на патишта, железници, како и помошта за македонскиот земјоделец чија работа и труд заслужува вреднување и почит, е нашата борба, но и порака за зачувување на споменот за безбројните јунаци кои се жртвуваа за темелите на она што денес го градат нашите генерации.

На овој голем ден најважно е да се потсетиме дека Македонија е многу повеќе од еден правен концепт - таа е идеал во кој се рефлектира човечката желба за слобода и непоколебливата истрајност на патот до среќата и остварување на соништата на луѓето.

 

Нека ни е за многу години големиот празник 11 Октомври!

Нека е вечна и силна Татковината!

Да живее Република Македонија!

 

                Со почит,

 

                                                                   Никола ГРУЕВСКИ