Ново електронско помагало за наставниците и учениците, агрегатор на видео содржини
Министерството за образование и наука денеска промовираше електронско наставно помагало, односно агрегатор на видео содржини www.eduvideos.mon.gov.mk, преку кој се презентираат наставни содржини.
Наставниците и учениците од основните и средните училишта, но и родителите, како што појасни заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, може да споделуваат едукативни видео содржини поврзани со темите од наставните програми што се изучуваат.
- Овој систем обезбедува контролирано објавување и класифицирање на видео содржини. Секое доставено видео, кое може, но и не мора да биде сопствено, односно во авторска продукција на оној кој сака да го објави, подлежи на контрола од страна на тим во Министерството кој ја прегледува содржината и во согласност со стандардите кои важат во образованието одлучува дали видеото ќе биде објавено или не, појасни Ристовски на денешната прес-конференција.
Основен предуслов, според него, е секој заинтересиран најпрво да се регистрира во системот со внесување на сите побарани податоци.
- Платформата на видео агрегаторот не ги меморира видео содржините, туку само линковите, односно содржините се преземаат и гледаат од оригиналните страници. При внесувањето на одредена содржина потребно е да се посочи видеото од некој од постојните портали да се опише неговата содржина во текстуален формат и да се класифицира во една од понудените категории, истакна Ристовски.
На порталот, како што додаде, може да се поставуваат и видео содржини снимени при реализација на часовите, како нови лекции, план од помината наставна тема, изведување експеримент, решавање проблемски ситуации...
- На тој начин учениците можат полесно да го совладаат материјалот, односно да бидат поттикнати на размислување од она што е прикажано во видеото и самите да дојдат до одредени решенија и заклучоци, додаде Ристовски.
На веб порталот во моментот има 954 видео содржини.