Одбележување на првата годишнина од новиот објект на Археолошкиот музеј
Археолошкиот музеј на Македонија е институција во која се изложени над осум илјади експонати, бројка која континуирано се зголемува како резултат на бројните археолошки истражувања кои во изминатиот период со значителен фонд на средства беа поддржани од Владата и од Министерството за култура.
Сите овие вредни артефакти беа причина новиот Музеј за една година да го посетат повеќе од 35 илјади посетители - над 10 илјади странски туристи, над 15 илјади домашни посетители и околу 10 илјади ученици од основните и средните училишта.
Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на прес-конференција во пресрет на одбележувањето на првата годишнина од отворањето на новиот објект на Археолошкиот музеј на Македонија.
Посочи дека културното наследство, неговата заштита и презентација се приоритети во Програмата на Владата и на Министерството за култура и во таа насока заложби во изминатиот период, како што рече, беа сето непроценливо богатство што го поседуваме како држава да се изложи во еден репрезентативен, монументален објект со најсовремени стандарди на музејска презентација.
-Токму затоа го започнавме проектот за изградба на нов Археолошки музеј на Македонија во кој настојуваме преку софистицираните технички методи, преку интерактивната презентација, аудио и видео поддршката и ликовните амбиентални дела да ги доближиме до секој посетител највредното од фундусот на археолошкото богатство на нашата држава, рече Канческа – Милевска и додаде дека нивна цел била да создадат музеј кој ќе биде пандан на институциите од оваа област од светот, музеј кој ќе биде гордост на македонската држава.
Една година по отворањето на новиот објект на Археолошкиот музеј, нагласи министерката, слободно можеме да кажеме дека успеавме во нашите намери, дека се што вложивме во овој музеј, сите наши напори беа оправдани и дадоа резултат.
Според неа, за оваа година Археолошкиот музеј интензивно ја разви својата едукативна дејност преку организираните посети на младите кои сето она што го учат во текот на наставните програми добија можност и да го осознаат директно преку содржините кои се илустрирани во музејот.
Канческа - Милевска потенцира дека во чест на одбележувањето на првата годишнина од отворањето на Археолошкиот музеј на Македонија од 18 до 22 октомври во оваа институција ќе се одржи манифестацијата „Недела на археологијата“. Официјалното отворање на манифестацијата ќе се означи со изложбата „10 столбови на Археолошкиот музеј“ која, како што рече, на најдобар начин ќе го потврди растежот на Археолошкиот музеј и творечките дострели на македонските археолози.
- Изложбата „10 столбови на Археолошкиот музеј“ ќе ни ги претстави ексклузивните експонати како Големата божица Мајка од Тумба Маџари, монументалниот појас од Марвинци, теракотните икони од Виница, теракотните култури од Стоби и други артефакти од праисторијата, антиката и средниот век. Дел од поставката ќе биде и значајна археолошка документација, дневници, технички цртежи, фотографии... До 22 октомври ќе се одржат низа други настани, додаде Канческа – Милевска.
Директорката на Археолошкиот музеј на Македонија Весела Честоева рече дека манифестацијата „Недела на археологијата“ ќе почне на 18 октомври кога влезот за посетителите во Музејот ќе биде слободен.
- Генезата на Археолошкиот музеј на Македонија почнува во 1024 година во Скопје. Од 1949 година работи под името Археолошки музеј на Македонија се до 1984 година кога влегува во рамки на Музејот на Македонија. Со одлука на Владата во јуни 2012 година е основан сегашниот специјализиран Археолошки музеј на Македонија. Денес Археолошкиот музеј на Македонија поседува преку 50 илјади предмети вклучувајќи и биофакти на територијата на Република Македонија, истакна Честоева.
Овие наоди, појасни, ја претставуваат културната историја на бројни заедници и цивилизации кои егзистирале од предисторијата до денес.
Изложбата „10 столбови на Археолошкиот музеј“ ќе се одржи на 19 октомври, а на 20 октомври ќе има презентации поврзани со сите значајни проекти поврзани повеќе локалитети во кои кустосите носители на збирките во Археолошкиот музеј ќе претстават кус преглед за историјатот на локалитетите, на истражувањата, најзначајните археолошки откритија, како и за карактерот и значењето на овие локалитети за македонската археологија.
Третиот ден (21 октомври) од манифестацијата ќе биде посветен на д-р Драгиша Здравковски, на неговата работа и дело, во негова чест и сеќавање. За таа цел ќе се одржи сесија на четири предавања за неолитот во Македонија и Бугарија. Четвртиот ден (22 октомври) е предвиден за отворање на лапидариумот во Археолошкиот музеј на Македонија кој сега е комплетиран, со изложба која го покажува историјатот на иницијалната збирка во Археолошкиот музеј.