Вицепремиерот Пешевски во работна посета на општина Бутел
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски заедно со градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски денеска беше во работна посета на општина Бутел каде заедно со неговиот домаќин градоначалникот Петре Латиновски го пушти во употреба асфалтираниот пат од село Радишани до село Љубанци во должина од 1.200 метри на кој е поставена и нова атмосферска и фекална канализација од 600 метри. Вкупната инвестиција е 10 милиони денари.
- Секогаш е задоволство да се посети општина со градоначалник кој ги извршува барањата и е во функција на граѓаните. За Владата е секогаш важно градоначалниците да го спроведуваат до крај она што го навеле како нивна програма, бидејќи сите мерки и политики кои Владата ги дизајнира и ги имплементира треба да дадат резултати на терен, токму преку активности како овие што се во општина Бутел, изјави вицепремиерот Пешевски.
Нагласи дека му е задоволство што на дело се спроведуваат оние ветувања што им се дадени на граѓаните. Како Влада и како локални самоуправи тоа, како што рече, ќе продолжат да го прават и понатаму и во рамките на можностите постепено ќе биде решено се што ќе се појави како нов проблем и нова потреба.
- Во општина Бутел посетивме низа инфраструктурни објекти кои се завршени или кои се во фаза на изградба, а пуштивме во употреба и еден локален пат што е од голема важност за населените места кои гравитираат кон Скопска Црна Гора. Го видовме и прогресот на изградбата на новата градинка во Радишани каде се проширува капацитетот за сместување за околу 120 деца, како и прогресот во новата индустриска зона Расадник и фабриката која се гради таму, рече Пешевски.
Тој посочи дека денеска беше посетено и Основното училиште „Климент Охридски“ каде е поставена нова покривна конструкција, термофасада и ПВЦ прозорци, а се изврши увид и на изградбата на атмсоферската канализација на улица „Боца Иванова“.
- Поразговаравме и со граѓаните за некои од проблемите кои ги мачат. За дел од нивните прашање на лице место градоначалникот Латиновски даде ветување дека најскоро ќе бидат решени, а дел ќе бидат разгледувани и од Владата, истакна Пешевски.
Градоначалникот Латиновски рече дека добрата соработка со Владата и со градоначалникот на Град Скопје резултира со полесно решавање на проблемите на граѓаните на општина Бутел.
- И при формирањето на Општината пред десет години кажав дека мора да ја вклучиме во сите институции, бидејќи само така може да оди напред. Во среда го славиме нашиот прв јубилеј десет години од формирањето и работењето на општина Бутел и можам да кажам дека за овие десет години општината се движела во вистински правец иако некои велеа дека е сиромашна, нема иднина, нема перспектива и нема да го доживее ни својот прв роденден, потенцира Латиновски.
Тој посочи дека вицепремиерот и градоначалникот на град Скопје по денешната посета ќе можат да и пренесат на Владата дека за овие десет години општина Бутел навистина се движела во вистинска насока.
Градоначалникот Трајановски појасни дека реализацијата на инфраструктурните проекти во општина Бутел е плод на долготрајна работа, искуство и координација што го има градоначалникот Латиновски со Градот Скопје и Владата. Прецизира дека со поволностите што и ги даде Владата на локалната самоуправа ќе може многу побрзо да се формираат индустриските зони откако ќе бидат проектирани од страна на општините и на Градот Скокје.
- Градот Скопје и помага на општината Бутел, а денеска бевме сведоци на изградбата на атмосферската канализација на улицата „Боца Иванова“ од кружниот тек на улицата „Бутелска“, па до Серава со што ќе се реши деценискиот проблем на поплавување на подвозникот кој е главната сообраќајна артерија кон центарот на Скопје, рече Трајановски нагласувајќи дека се планира работите да завршат за околу месец и половина.
Најави дека на 26 октомври годинава завршува тендерот за изградба на новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Бутел.
- Тоа ќе биде првиот нов булевар што ќе се гради во Скопје кој ќе оди од улицата „Босна и Херцеговина“ до обиколницата. Во првата фаза ќе биде изграден само делот до улицата „Натанаил Кучевишки“, а веднаш потоа ќе почне и втората фаза до обиколницата со што општина Бутел ќе добие растоварување на сообраќајниот метеж на улицата „Бутелска“, нагласи Трајановски.
Булеварот, додаде, се гради на земјиште на кое порано имало лозја. Тоа остава можност за изградба на нова индустриска зона, а очекуваме и голема и интензивна градба по должината на новиот булевар.