Спасов: 22 нови детски градинки во 2016 година
Во текот на наредната година Министерството за труд и социјална политика планира да отвори нови 22 детски градинки во земјава, најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Од нив, како што истакна, 12 ќе бидат во Скопје, каде што општините и родителите имаат големи потреби за сместување на децата.
- Во Општина Центар ќе имаме околу три објекти, во Кисела Вода, во Аеродром, во Ѓорче Петров, во Гази Баба и секаде онаму каде што потреба. Во 2016 година со овие 22 градинки треба да создадат 2.000 нови места за да се згрижат дечињата, рече министерот Спасов по пуштањето во употреба на новата детска градинка во општина Карбинци.
Појасни дека дел од планираните градинки се веќе започнати и се во изградба, дел од нив треба да започнат или пак да се адаптираат одредени простории.
Наш приоритет, додаде тој, и понатаму останува зголемување на капацитетите на детските градинки. Како никогаш порано, рече, изминатите години се отворени над 40 детски градинки и дополнително 25 приватни детски градинки, што, како што потенцира, е значително огормно зголемување на постоечките капацитети.