Груевски: Договорот од Пржино да се почитува без проширувања и толкувања
Договорот од јуни и јули во Скопје, треба да се почитува во целост, како што е договорен и напишан, без проширувања од рамките во кои е поставен и без разни толкувања и дополнувања во зависност од политичките интереси на партиите, истакна премиерот Никола Груевски во своето обраќање по повод 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба.
- Договорот е јасен и напишан и треба да се почитува. Тој договор не може да служи како појдовна точка за нови преговори, за нови договори од кои почетна точка е тој договор. Секој политичар и секој кој сака да помогне во реализацијата на политичкиот договор треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Треба да го почитува тој постигнат договор, потенцираше Груевски.
Премиерот истакна дека никој не смее да го потценува народот и оти никој нема право на тоа.
- Иако политичката сила која ја има оваа политичка гарнитура беше добиена на избори кои аргуметирано и правно не беа оспорени од страна ниту на опозицијата ниту на друг субјект, и покрај поддршката во јавноста на оваа политичка гарнитура која е двојно поголема од онаа на опозициската, и покрај фактот што политичкиот легитимитет и легалитет кој го добивме е на половина од периодот за кој го добивме, ние се согласивме да ја прекратиме атмосферата на тензија и конфликтност со создавање на можност за обраќање кон народот и можност за произјаснување на народот на избори, рече Груевски.
Основна и единствена цел на договорот, посочи тој, беше да се организираат избори на кои народот ќе може да одлучува во фер и демократски услови кои нема да создадат сомнеж за некаква нееднаквост, за дискриминација или фаворизација.
- Изборите се финалната цел на тој договор, заради која постојат другите одредби од договорот, кои се патоказ како да се стигне до финалната цел - изборите, рече тој.
Министрите и замениците со право на вето, продолжи Груевски, согласно договорот треба да осигураат балансираност на институциите и одвраќање од потенцијална улога на институциите во фаворизации и дискриминации, и тоа е функцијата на овие лица.
- Тие треба да ја обезбедат демократијата, а не да бидат алатки во политичкатата функција. Тие треба да го бранат, а не да го напаѓаат правото на глас. Тие треба да не дозволат влијанија на институциите во изборниот процес, а не да прават влијание во изборниот процес, рече премиерот Груевски.
На ист начин, посочи тој, треба да дејствува и специјалниот јавен обвинител, чија работа целосно ќе ја почитуваме и ќе ја подржуваме во сите елементи кои се предвидени со договореното.
- Ние немаме од што да стравуваме. Сакам да верувам дека и нашите политички конкурентни нема од што да стравуваат. Ако стравуваат од нас, нема потреба да стравуваат, бидејќи ние од нив не стравуваме. И не треба да стравуваме едни од други, треба да стравуваме само од народот. Јас барам народот да одлучи на кого му верува, потенцираше тој.
Инвестираме политички капитали, истакна Груевски, денот на изборите 24 април да биде празник на демократијата.
- Ден во кој сум длабоко убеден дека ќе изчезнат сите политички магли. На 24ти април се ќе се разјасни. Дотогаш како ми изгледа ќе има уште магла, уште сеење магла, ќе има уште многу валкани обиди за рушење на државата и волјата на народот, но ние ќе стоиме рамо до рамо со народот и нема да го изневериме, рече тој.