Владината делегација оствари посета на Агенцијата за надворешна трговија и инвестиции на Дубаи
Во рамките на посетата на премиерот Никола Груевски на Обединетите Арапски Емирати, владина делегација во состав Владимир Пешевски, заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања, Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски и Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, денеск (понеделник, 26.10.2015 година) остварија посета на Агенцијата за надворешна трговија и инвестиции на Дубаи.
Владината делегација со своите соговорници разговараше за можностите за продлабочување на економската соработка, пред се на полето на надворешно трговската размена и инвестициите.
Од македонска страна беше истакната заложбата за градење на економска соработка со ОАЕ, интересот за продолжување на економскиот дијалог, продолжување на контактите и разработување на анализи за соработка на конкретни проекти.
Вицепремиерот Пешевски истакна дека Република Македонија ја заокружува правната и договорна рамка со Обединетите Арапски Емирати што ќе послужи за интензивирање на економските односи. Додаде дека нашата земја има потенцијали кои би можеле да придонесат не само за реализација на инвестиции на приватните субјекти, туку и меѓудржавна соработка во реализацијата на поголемите економски проекти.
Беше договорено делегација на Агенцијата за надворешна трговија и инвестиции на Дубаи да оствари посета на Република Македонија, преку која непосредно ќе се запознаат со позитивните макроекономски индикатори, со бизнис климата во нашата земја која гарантира предвидливо опкружување за економска соработка во интерес на двете страни.
Соговорниците се согласија дека со таквата посета би можело да се направат дополнителни истражувања и анализи кои би креирале и потенцијал за конкретизација на соработката.
Министерот Мисајловски ги претстави можностите за конкретна соработка на поголем број на проекти во областа на инфраструктурата и градежништвото, туризмот и земјоделството. Тој истакна дека мерките и политиките на Владата, и владината отвореност и интенција за поддршка на економските проекти од интерес за развојот на земјата и за отворање на нови работни места, овозможуваат ефикасност во спроведувањето на деловните одлуки без административни потешкотии и непотребни ограничувања.
Директорот Мизо истакна дека позитивните ефекти на владината политика за континуирано унапредување на бизнис климата се потврдуваат со инвестициите кои во нашата земја се реализираат од страна на поголем број на глобални компании. Тој истакна дека Република Македонија поседува едуцирана работна сила која би можела да придонесе во ефективна реализација на проектите на инвеститорите и на субјектите кои имаат интерес за реализација на проекти од поголем обем.