Почна обнова на регионалниот пат Новаци-Клепач
Регионалниот пат Новаци-Клепач, кој ги поврзува општините Могила и Новаци, ќе биде целосно обновен за една година. Инвестицијата за обновата на патот, во должина од 19,3 километри, изнесува 1,15 милиони евра, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој денеска во селото Добромири присуствуваше на почетокот на градежните активности.
Мисајловски информира дека на последната средба со граѓаните, заедно со премиерот, им ветиле дека за еден месец ќе почне реконструкцијата и нагласи оти ветеното се реализира.
- Почнуваме денеска, а за една година целосно ќе го рехабилитираме овој патен правец. Но освен овој пат, во овој месец ќе започнеме и со реконструкција на уште пет нови патни регионални правци во должина поголема од 50 километри за што ќе бидат инвестирани над 10 милиони евра, истакна министерот Мисајловски.
Министерот за транспорт информираше и за останатите инвестициски активности во државата, потсетувајќи дека во овој момент се градат над 155 километри автопатски делници, изградени се над 700 километри локални патишта. Ќе продолжи и реконструкцијата и рехабилитација на регионалните патни правци, посочи Мисајловски.
- За реализација на програмата имаме одлична соработка со градоначалниците на Новаци и Могила и во оваа прилика сакам посебно да ги пофалам за нивниот ангажман околу чистењето на коритата на реките за што како Влада обезбедивме 300 тони нафта, а акцијата на чистење на реката Црна е пример за другите општини, нагласи Мисајловски.
Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски информираше дека досега во таа локална самоуправа се асфалтирани 40 километри локални патишта, а само годинава нови 20 километри.
- Со оваа најнова реконструкција на патот Новаци-Клепач се овозможува алтернативен пат за патување кон Прилеп, кој ќе биде нов и покус, посочи Котевски.
Градоначалникот на општина Могила Стево Пивковски, пак, потенцира дека оваа делница ќе ја користат над 3.000 граѓани кои на реконструкција чекаа 20 години за полесно да комуницираат и се движат кон општините Новаци, Битола и Прилеп.