Попоски се сретна со специјалниот претставник на германското МНР за ЈИЕ, Турција и ЕФТА
Министерот за надворешни работи Никола Попоски и специјалниот претставник на германското Министерство за надворешни работи за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА Ернст Рајхел денеска разговараа за предизвиците и перспективите во европската интеграција на Република Македонија, во светлина на неодамна објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во пристапниот процес.
Како што соопшти МНР, Попоски на средбата потенцирал дека Македонија останува подготвена за процесот на пристапни преговори.
- Од 2009 година, кога беше дадена првата препорака од Комисијата, секоја година сме се подобро подготвени за овој процес, порача Попоски.
Според министерот, определени околности како изминатите блокади и внатрешните фрустрации, особено политичкиот предизвик кој е во фаза на надминување, се дополнителна причина час поскоро на Македонија да и се овозможи да ги почне преговорите со Европската унија.
- Тоа нема да направи никакво ослабување на европската кауза или институции, напротив ќе го зајакне кредибилитетот на европската перспектива, а нам ќе ни даде елан да се бориме за натамошен напредок, истакна тој.
На средбата Попоски и Рајхел разговарале и за спроведувањето на преостанатите обврски од политичкиот договор и на клучните приоритети за зајакнување на правната држава и економскиот развој на земјата, кои остануваат во фокусот на активностите на Владата.