Попоски: Македонија има поддршка од В4 за мигрантската криза и евроинтеграцијата
Македонија ја има поддршката од земјите од Вишеградската група (Чешка, Полска, Словачка, Унгарија) по прашањето на проблемот на бегалците.
Ова го изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на прес-конференцијата по повод министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група (В4) и Западен Балкан (ЗБ), Хрватска, Словенија, Велика Британија, Советот за регионална соработка и Европската комисија, кој од вчера се одржува во Прага, јави дописникот на МИА од Прага.
На прашањето, кои би биле последиците ако земјите на балканската рута ги затворат границите за бегалците, шефот на македонската дипломатија подвлече дека Македонија се соочува со голем притисок од секојдневниот бран мигранти и прашање е како да се спротивстави.
- Постојат сериозни притисоци во земјите кои примаат емигранти. Од друга страна е прашањето за релокација на емигрантите, за што треба да се дискутира, како и за недозволување на можноста за затворање на границите, рече Попоски.
Истовремено Попоски го потенцираше ризикот да се акумулираат луѓе кои нема да имаат можност да продолжат понатаму.
- Сугериравме да се создаде стратегија, бидејќи никој од нас нема капацитет да се справи со ова прашање сам, со оглед на тоа што од Грција влегуваат 4 – 8 илјади секој ден, подвлече Попоски, изразувајќи надеж за поддршка од пријателите на Вишеградската четворка.
Според него, денешното присуство на земјите на В4 е значајно и во однос на најновиот прогрес-извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на македонската држава во европските интеграции.
- Во однос на прогрес извештајот на ЕУ мислам дека е значајно што денеска во Прага ги имаме Чешка, Словачка, Унгарија и Полска, земји кои вистински се грижат за кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ. Тие ќе ја искористат можноста од една страна да го зголемат притисокот врз земјите кандидати да го испорачаат она што е од нив барано и од друга страна да бидат сигурни дека овој процес е кредибилен и не е задоцнет, како што беше случајот со Македонија од 2009 година, рече шефот на македонската дипломатија.
Денеска, пред новинарите беше потпишан документот за основање на Фондот за Западен Балкан како конкретен чекор кон зајакната регионална соработка на Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово, по примерот на В4, која беше создадена во 1991. Првата година со него ќе претседава Тирана.
Вишеградскиот фонд, основан 2000 година, е меѓународна организација со седиште во Братислава, која ја финансираат четирите членки - Чешка, Словачка, Полска и Унгарија. Целта на фондот, кој рамномерно го полнат членките е да помогне и да промовира развој и поблиска соработка меѓу граѓаните и институциите во регионот, како и меѓу земјите од В4.
- Очекуваме фондот за Западен Балкан да ги има истите цели како и Вишеградскиот фонд и ќе помага во соработката на заеднички проекти од областа на администрацијата, инфраструктурата, економскиот просперитет со цел да се надминат тензиите и несогласувањата од минатото, рече чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек, кој смета дека регионалната соработка ќе помогне и во забрзувањето на евроинтеграциите на земјите потписнички.
Создавањето на фондот за Западен Балкан беше инспириран од Вишеградскиот фонд, кој од 2.000 поттикнува соработка на В4 во областа на културата, науката и образованието.
Дводневната Конференција, посветена на прашањата за миграцијата, проширувањето на ЕУ и регионалната соработка е под покровителство на Министерството за надворешни работи на Чешката Република, како актуелен претседавач со В4. Земјите на В4 во заедничката изјава за Западен Балкан ја изразија потребата за изнаоѓање начин да се деблокира процесот на интеграција во ЕУ на Македонија, како и целосна потреба за членство на земјата во НАТО.
Покрај земјите на Вишеградската група и земјите од Западниот Балкан, како и Словенија и Хрватска, присуствуваше и потпретседателот на Европската комисија (ЕК), Франс Тимерманс. Попладнево министерот Попоски, заедно со министрите од Западен Балкан ќе учествува и на панелот со тема „Како да се рестартира очекуваниот процес на проширување на ЕУ во Западниот Балкан?"
Конференцијата се организира во рамките на Прашкиот европски самит (ПЕС), кој е замислен како нова платформа за стратешки дијалог за заеднички одговори на новите предизвици во Европската унија и потребата да се справи со нив, во различни области.