Премиерот Груевски на средби со жителите во Бардовци и Злокуќани
Во село Бардовци почна изградба на плоштад - инвестиција на Владата преку Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, со која ќе се асфалтираат и неколку улички во ова населено место. Плоштадот ќе има околу 2.000 метри квадратни, ќе биде уреден со клупи и фонтана и игралишта за деца.
На настанот присуствуваше премиерот Никола Груевски кој во оваа пригода имаше средби со жителите од Бардовци и соседното Злокуќани, кои припаѓаат во Општина Карпош.
Придружуван од градоначалниците на Скопје и на Карпош, Коце Трајановски и Стевчо Јакимовски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, директори на јавните претпријатија на Град Скопје (ЈСП „Скопје“, Водовод, Скопски катастар), претседателот на Владата ги слушаше потребите на граѓаните од овој дел на Скопје, а неговите соработници ги земаа нивните податоци за да ги контактираат.
Груевски во изјава за медиумите истакна дека Владата преку Програмата за рурален развој инвестира во сите општини во РМ за изградба на водоводи, канализациски мрежи и други инфраструктурни проекти кои им се најпотребни на граѓаните.
- Освен што ги видовме позитивните работи, ги слушнавме и нивните предлози како да им се помогне за други работи, поврзани со Катастарот и со други работи. Земавме нивни податоци и ќе ја продолжиме комуникацијата со нив за да и помагаме и понатаму. Помагајќи им ним ние, всушност, ќе правиме системски решенија за помагање на многу граѓани, изјави Груевски.
Еден од проблемите со кој граѓаните најчесто се соочуваат е легализација на земјиштето. Груевски го задолжи министерот за транспорт да состави работна група со дел од засегантите и во текот на наредните денови да подготви измени и дополнување на соодветните закони со кои ќе се олесни начинот на впишување во Катастар на земјиштата кои жителите ги имаат како наследници или им се дадени од роднини кои не живеат тука. Но притоа, рече Груевски, треба да се заштитат сопственичките права како уставно загарантирана категорија.
- Не можеме на база на приказна на некој дека роднината му е во Америка и дека не е заинтересиран да дојде, да потпишeме, здраво за готово, да му го одземеме имотот, кој потоа може да си го бара земјиштето. Но мора да најдеме начин што ќе го упропости законот и ќе им излезе во пресрет на граѓните кои секојдневно се соочуваат со таков проблем, рече Груевски.
На средбите со жителите во Бардовци и Злокуќани Груевски слушна предлози за акумулација што ќе се поврзе со Лепенец, пат покрај железничката пруга, пешачки мост преку Вардар, линија на ЈСП до болница Бардовци и поврзување на месносите Криви Дол и Момин Поток, поставување семафор во Злокуќани, асфалтирање улици, водоводна мрежа, спортско игралште, чистење на канализација во ромско маало, систем за наводнување итн... За некои предлози тој ги задолжи соработниците да најдат решение со одредени рокови.
- Дел од нив се работи кои системски треба да се променат и ќе им помогнат и ним и на многу луѓе. Дел, пак, се директни и лични, и за нив се трудиме да помогнеме. Се заложуваме поединечно да помогнеме на колку што е можно поголем број луѓе. Некаде успеваме, некаде делумно успеваме, некаде, за жал, не сме во можност, но правиме напори на што повеќе луѓе да им излеземе во пресрет. Така работиме во сиот изминат период. Со разговорите дојдовме до многу нови идеи поврзани со нивниот квалитет на живот и ќе се обидеме што поголем број од нив да решиме, додаде Груевски по средбата со жителите во Бардовци и Злокуќани.