Владата ќе овозможи бесплатни проекти за градба на типски куќи
Владата ќе овозможи бесплатни проекти за градба на типски куќи со кои граѓаните ќе заштедат од 1.000 до 2.000 евра. Во завршна фаза е и наскоро заинтересираните граѓани ќе може да подигнат во Министерството за транспорт и врски бесплатен проект направен од стручни лица.
- На оние граѓани кои немаат средства ќе им обезбедиме типски проекти нацртани од архитекти кои бесплатно ќе им ги доделуваме доколку сакаат да градат куќа. Во изминатиот период вршевме подготовка за овој проект и Министерството за транспорт и врски веќе го завршува проектот. Очекувам во оваа или наредната недела Министерството да излезе со готови проекти. Речиси се завршени шест типски готови проекти за градба на куќи од 60, 80, 100, 120, 150 и од 180 квадрати. Кога би ги правеле самите граѓани, проектите би ги чинеле околу 1.000 до 2.000 евра, изјави Груевски при посетата на Бардовци и Злокуќани.
Проектот, додаде тој, започнува да се реализира во наредните пет до десет дена.
- Наскоро ќе го објавиме проектот за завршен и граѓаните ќе може да дојдат во Министерството и да го подигнат проектот бесплатно или да го преземат од интернет, рече премиерот.