Нови мерки на Министерството за здравство за намалување смртноста кај доенчиња и мајки
Бесплатни гинеколошки и микробиолошки прагледи на бремените жени, биохемиски анализи вклучувајќи го и подродувањето, советување на бремените жени при посетата од страна на патронажните служби, советување и еден бесплатен гинеколошки преглед на жените од ромската популација како и доктори гинеколози од Универзитетската клиника и клиниката во Чаир еднаш неделно да работат во Здравствените домови, се четирите нови мерките кои денеска на прес-конференција ги најави министерот за здравство Никола Тодоров за намалување на смртноста на доенчиња и мајки.
- Доенечката и мајчината смртност се области кои се актуелни во светски рамки, и секоја држава презема мерки за намалување на стапката. Важно е да се има предвид дека тука станува збор и за многу поразвиени земји од нашата, што имаат на располагање и вложуваат значитечно поголеми ресурси во здравството, така што и тие имаат посветени Програми за намалување на доенечкиот морталитет, како на пример: САД, Обединетото Кралство, Германија итн, истакна Тодоров.
Со цел намалување на доенечката смртност и по примерот на развиените земји, министерот Тодоров информираше дека во Министерството за здравство е формиран-Комитет за безбедно мајчинство. Комитетот е формиран како советодавно тело на министерот од областа на здравјето на мајките и децата, а е составен од 10 експерти од овие области.
- Овој комитет од стручен аспект ја следи состојбата со здравјето на мајките и децата, посебно во периодот на бременост, породување и леунство, како и здравјето на новороденчето и предлага мерки за нивно унапредување. Во рамки на своите активности, Комитетот подготви Стратегија за безбедно мајчинство, како и Акциски план за намалување на матернална, перинатална и доенечка смртност, појасни Тодоров.
Информира дека се изработени прирачници за планирање на семејството, наменети за здравствени работници од примарна здравствена заштита, брошура за планирање на семејството која е дистрибуирана во 100.000 примероци меѓу младата популација во основните и средните училишта. Во соработка со Американското здружение на неонатолози и Здружението на неонатолози на Македонија, биле обучени 10 едукатори кои потоа спровеле обуката на 130 здравствени професионалци во Републиката.
- Набавивме најсовремени гинеколошки 4Д ЕХО-апарати со кои се опремени повеќе болници низ државата во Тетово, Кичево, Струга, Охрид, Битола, Велес, Гевгелија, Куманово, а кои се особено значајни за дијагностика во текот на бременоста и редовно следење на бременоста. Само за Клиниката за гинекологија и акушерство набавена е нова опрема во вредност од околу 18 милиони евра, истакна Тодоров и додаде дека Министерството спроведува набавка на нова опрема за неонатологија, наменета за Клиниката за гинекологија и акушерство и Клиниката за детски болести, која е во вкупна вредност околу 50 милиони денари.
Министерот потсети дека на Клиниката за гинекологија и акушерство е отворен и комплетно нов Детски Ургентен Центар и набавено е ново возило специјализирано за неонатален транспорт. Информира дека во 2012 обезбедени биле 22 специјализации, во 2013 година 29, 2014 обезбедени биле 10, а во учебната 2015/16 година објавени се 15 специјализации од областа на гинекологија и акушерство.
- Сите овие преземени мерки придонесоа кон намалување на стапката на доенечка смртност од 13,2 проценти во 2004 година на 9,9 во 2014 година. Само за споредба, оваа стапка во 1990 година, односно во СФР Југославија, оваа стапка изнесувала 31,6, а сега е намалена на 9,9 отсто во 2014 година и континуирано работиме на нејзино намалување. Во соработка со Комитетот за безбедно мајчинство, поставивме таргет до 2020 година да се намали смртноста за една третина, односно на максимум 6,5 проценти, нагласи Тодоров.
Бесплатниот преглед ги предвидува сите гинеколошки и микробиолошки прегледи, биохемиски анализи вклучувајќи го и породувањето за сите бремени жени државјани на Македонија без разлика дали е здравствено осигурана или не. Досега за овие прегледи жените плаќале по 1.600 денари. Втората мерка која се спроведува по примерот на Финска предвидува патронажните служби од здравствените домови во рамки на проектот Домашна визита да стават посебен акцент на посета на бремените жени од социјално ранливите групи, како што се бремени со понизок степен на образование, односно без образование или со основно образование кои сочинуваат околу една третина од вкупниот број бремени жени, како и жени кои примаат социјална помош.
Преку третата мерка ќе се зајакне грижата за жените од руралните средини како и грижата за женитеРомки кои ќе бидат советувани за потребата од избор на матичен гинеколог од страна на ромски здравствени медијатори, а ќе им биде и организирано закажување по најмалку еден бесплатен преглед кај гинеколог.
Четвртата мерка е во рамките на проектот „Наш специјалист“ во кој доктори гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир еднаш неделно ќе работат во гинеколошки амбуланти во рамки на Здравствените домови. Вакви амбулатни најпрво ќе бидат отворени во Крушево и Ѓорче Петров. Министерот Тодоров најави и зголемување од една посета неделно на три посети неделно на гинеколог во пунктот во Шуто Оризари.