Министерството за култура додели уште шест решенија за национална пензија
Министерството за култура денеска додели уште шест нови решенија за национални пензии со кои вкупниот број на носители е 61.
Во новата група корисници на национална пензија се: актерката Мајда Тушар; писателот за деца Фејзи Бојку; Костадин Костадиновски, музиколог и композитор; Васил Тоциновски, писател, есеист, критичар, книжевен историчар и преведувач; Доне Милјановски, академски ликовен уметник и фолклористот Димитар Узунски, раководител на Фолклорната група „Копачка“ од делчевското село Драмче.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на врачувањето на решенијата рече дека добитниците се истакнати поединци кои значајно придонеле во уметноста и културата на Република Македонија.
- Со измените на Законот за култура и воведувањето на националната пензија овозможивме да се валоризира нивниот труд, со оглед дека имаат многу ниски пензии, а нивниот влог е огромен за Република Македонија. Покрај нивното творештво, условот за да ја добијат е и да се носители на една од државните награди: 11 Октомври, 23 Октомври и 8 Декември, рече Канческа-Милевска и додаде дека со најразлични стимулативни мерки е направен исчекор во вреднувањето на трудот на творците во различни дејности од културата.
Добитниците на решенијата, кои присуствуваа на врачувањето во Министерството за култура, се заблагодарија за оваа одлука на државата.
- Владата на РМ и Министерството за култура со националната пензија покажуваат дека имаат цврста, долгорочна стратегија која рамноправно не вградува во големото семејство на културните народи на светот. За мене оваа стратегија покажува една фина димензија, дека треба да се почитуваш и сакаш себеси, оти ако ние не го сториме тоа за себеси, тогаш никој друг тоа не би го сторил за нас, изјави Тоциновски.
Носителите на националната пензија месечно добиваат износ колку што е разликата од нивната пензија до највисоката пензија што се исплаќа во РМ (35.000 денари).
Покрај национална пензија, Министерството за култура ја воведе и титулата Национален уметник, највисоко признание од областа на културата, која досега ја имаат добиено пет најистакнати претставници на македонската култура.