Пуштен во употреба новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле
Новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле, единствен од ваков тип кај нас и еден од најмодерните во регионот, денеска свечено беше пуштен во употреба. Објектот е со површина од околу 6.700 метри квадратни, со капацитет од вкупно 104 кревети (98 болнички и 6 кревети во интензивна нега), и исто толкав капацитет за сместување на по еден родител како придружба на детето.
- Денеска свечено го пуштеме во употреба новиот објект на Институтот кој почнавме да го грдиме во нашиот мандат во 2012 година и го завршивме во нашиот мандат. Станува збор за еден од најкрупните проекти во областа на здравството и инвестиција вредна околу 7 милиони евра, порача премиерот Никола Груевски во говорот на отворањето.
Тој потсети дека Институтот има долга историја на прием и лекување на деца со белодробни заболувања и додаде дека голем број на генерации на деца, родители, доктори и медицински персонал имаат спомени од старите бараки во Козле кои биле изградени во 1965 година како донација од Норвешката и Шведската влада за земјотресот.
- Овие бараки биле предвидени да траат 20 до 25 години, но за жал никој после тоа не се завземал да се изгради нов објект каков што заслужуваат нашите граѓани. Поминаа 50 години во кои персоналот се трудеше да ги чува старите бараки, а пациентите мораа да ги прифатат условите кои тие бараки ги нудеа. Многу мајки и денес се сеќаваат како биле во исклучително тешка ситуација да го остават своето дете во плач, бидејќи старите бараки немаа доволно капацитет да ги примат сите родители на децата кои тука се лекуваа. За разлика од порано кога родителите немале можност да останат со своите деца, новиот објект нуди услови секој родител да може да остане со своето дете, а во секоја соба да има најмногу две деца со нивните родители, потенцира Груевски.
Посочи дека новиот објект се состои од две функционални целини - поликлиника и стационар. Поликлиниката ги опфаќа сите ординации, лаборатории, специфични кабинети, дежурната служба и останатите содржини. Во стационарот има над 50 соби со 210 кревети кои во најголем дел се двокреветни болнички соби, како и 14 апартмани.
Додаде дека објектот содржи и дневна болница со капацитет за згрижување на 30 до 40 деца, а тука ќе биде сместен и Центарот за цистична фиброза.
Министерот за здравство Никола Тодоров посочи дека Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле е единствена од ваков вид во државата, каде се лекуваат деца од 0-18 годишна возраст, со заболувања на белите дробови. Само во 2015 година се креирани 21.406 упати за 11.793 пациенти, на просечна возраст од 5,4 години. Лани биле издадени 28.147 упати за 13.925 пациенти, а пред почетокот на градежните работи во Институтот се издавале и до 40.000 упати, а во болницата имало приближно 4.000 лежечки пациенти годишно. Болницата располага со комплетно едуциран кадар и околу 60 отсто од докторите се едуцирани најмалку по 3 месеци во врвни и реномирани болници во странство.
- Ветивме нова детска болница Козле и денес пред нас е резултатот од нашето ветување. Работиме посветено, неуморно, транспарентно, за денеска гордо и исправено да стоиме тука, пред уште еден доказ за реализирано благородно дело. Ова е голем ден за сите нас, особено за децата на кои што овој објект им е посветен. Пред нас е една комплетно нова и модерна болница, изградена од темел, и што е уште поважно изградена според најновите светски стандарди во оваа област. Околу 99 отсто од пациентите кои се лекуваат се со неспецифични заболувања како: пнеумонија, бронхопнеумонија, бронхитис опструенс, бронхитис опструенс акута, ларингитис акута, астма, нутритивни алергии, хронични опструктивни заболувања, ангини и др., додека околу 1 отсто од пациентите кои се лекуваат се пациенти со специфични заболувања, како туберкулоза во детска возраст, порача министерот Тодоров.
Тој посочи дека оваа установа претходно функционираше во многу стар, веќе дотраен објект од времен карактер и без посериозни инвестиции за целиот период на користењето на времените бараки.
- По повеќе од 45 години фунцкионирање во времени објекти, Владата, донесе одлука за изградба на комплетно нов и современ објект. Ова не е инвестиција во посовремени услови за лекување на децата, туку е инвестиција во иднината на нашите граѓани, камен/темелник во здравјето на нашите најмили и инвестиција од која бенефит ќе имаат сите идни генерации, нагласи Тодоров.
За разлика од досега, додаде, кога само една третина од пациентите можеа да имаат родителска придружба, во новиот објект секое дете кое ќе биде хоспитализирано ќе може да биде придружувано од родителот.
- Ова сериозно ќе придонесе за намалување на траумите кај децата, кои неминовно се криеираа секогаш кога ќе требаше да бидат разделени од својот родител. Во новиот објект на болницата, децата ќе бидат сместени во иста соба со војот родител или придружник, во сосема различен амбиент, кој е дизајниран да биде пријатен за децата и да го минимизира чуството за престој во класична болничка установа. Ова ниво на услуга која досега ја немаше, е на ранг на највисоко развиените европски држави, а истовремено во историја заминуваат тро, четро и повеќекреветните соби. Сега пациентите ќе бидат хоспитализирани во еднокреветни или двокревени соби со тоалет со купатило во секоја соба, нешто што исто така досега го немаше. Сите соби се соодветно опремени, со големи и мали кревети, а проектирани се и пултови за преповивање со вградени кадички за бањање на бебиња, рече Тодоров.
Во делот на приземјето, прецизира, на едниот тракт е изолирана интензивна и постинтензивна нега.
- Во делот за интензивна нега, предвиден е посебен простор за децата на интензивна нега со 6 места, наменет е и посебен простор за инкубатори, односно неонатолошки дел, како и простор за подготовка на терапија. Во постинтензивната нега има место за 10 пациенти, во истиот тракт. Досегашата интензивна нега воопшти не ги исполнуваше стандардите на денешното време, истакна Тодоров.
Потенцира дека во текот на уредувањето на објектот, особено внимание е посветено на изборот на материјали, бои, мебел, со цел да се овозможи што е можно поудобен и попријатен престој за децата. Во ентериерот доминираат детски мотиви низ орнаментиката, а во објектот има и неколку игротеки кои се наменети за амбулантските и за хоспитализираните пациенти. На подот е употребен специјален лак за заштита, со кој се превенира оштетување на подот на подолг временски период.
- Во новиот објект ќе функционираат вкупно 18 амбуланти, односно 2 општи и 16 специјалистички и супспецијалистички амбуланти. Ова значи дека капацитетот на амбулантите го зголемивме повеќе од 3 пати. Сите амбуланти се опремени со нов мебел, кревети за преглед како и кревтчиња за преглед на бебиња, како и фотељи за родителите, но и соодветна медицинска опрема во звисност од амбулантата. Во амбулантите има целосни услови за одржување на хигената на највисоко ниво. Распределбата на пациентите ќе се врши по системот на бројчиња кои се добиваат на еден од двата пулта кај амбулантите, рече Тодоров.
Посочи дека Институтот има комплетно опремена лабораторија, микробиологија, рентген-дијагностика, физикална и спирометрија, оториноларингологија и ЕХО дијагностика, кои овозможуваат брзо и ефикасно извршување на здравствените услуги.
- Просечното време на завршување на дијагностиката по пациент се очекува да биде помалку од 2 часа што е на ранг на најразвиенте европски стандарди, а веројатно и реткост во Европа. Тоа значи дека за најмногу 2 часа (за поспецифичните случаи, а за полесните случаи и многу побрзо) може да се завршат сите потребни прегледи и испитувања, почнувајќи од комплетна биохемија, микробиологија со земање брисеви, ушен преглед, ЕХО на бели дробови, рентген, итн. Многу е значајно што практично нема време на чекање, со што и децата се ослободени од дополнителни оптоварувања да чекаат, рече Тодоров.
Во приземјето, додаде, се проектирани 4 ординации, 2 специјалистички ординации за ОРЛ, бронхоскопија, рентген кабинет со пропратни содржини, хематолошка лабораторија со дел за преглед на урина, физикална терапија, канцеларии. Дежурната служба е сместена исто така во приземјето издвоена со посебен влез.
- На катот се проектирани 10 ординации, биохемиска и микробиолошка лабораторија, ординација за алерголошки кожни проби, ординација за спирометрија, кабинети за администрација....Во објектот има целосно опремена болничка кујна, со дел за млечна кујна за доенчиња, дел за подготовка на храна за посебни нутритивни потреби, кујна за стндардна болничка храна и храна за родителите во придружба, и што е најважно Институтот има стручно лице кое го определува дневниот оброк за пациентите. Обзбедени се услови за највисоко ниво на хигена за кујната и приброт, како и за вработените, посебни колички за носење на подгоотвената храна и други за враќање на искористениот прибор, без можност за нивно мешање, потенцира Тодоров.
На приземјето, посочи, постои посебен изолиран дел наменет за болните од Цистична Фиброза, со независен влез и кои ќе бидат целосно изолирани што е од особено значење за нивната состојба.
- Овој центар, кој ќе биде наменет за пациенти од сите возрасти, е нешто што досега го немаше во Македонија и претставува реалиација на уште едно наше ветување, за ставање на посебен акцент на лицата со ретки болести. Во новиот објект на институтот ќе биде во функција посебна „слипапнеа“ лабораторија, која ќе биде прва од ваков тип во државата. За оваа метода 4 доктори се веќе едуцирани во реномираната болница Бамбино Џезу во Ватикан, а воедно веќе успешно се реализирани 10 вакви испитувања. За првпат во новиот објект ќе биде применета методата РИНТ - спирометрија кај деца под 6-годишна воздраст, за која исто така докторите се едуцирани во Италија, прецизира Тодоров.
Директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата- Козле, Оливер Зафировски истакна дека првично болницата била формирана во 1952 година како болница за туберкулоза, а по земјотресот во 1965 била пренаменета како болница за деца Козле.
- Чекавме со години да добиеме нов објек и конечно денеска после толку децении имаме нов Институт што претставува радост за нас вработените, но и за нашите пациенти кои доаѓаат од цела Македонија, Во овие три години додека се градеше новата зграда ги поминавме во едукација и над 50 проценти од вработените поминаа обуки во Италија, Софија, Турција за да научат нешто повеќе. Затоа воведовме многу нови методи, рече Зафировски и додаде дека на обука биле и голем дел од медицинските сестри, лаборантитет и рентген техничарите.
Новиот објект, додаде, е дополнителен мотив да продолжиме да се едуцираме и да станеме регионален центар во доменот на детската педијатрија, пулмологија, алергологија, имунологија и детска туберкулоза.