Ристовски во посета на училиштето „Јосип Броз Тито“ во струшкото село Мислешево
Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска беше во посета на струшкото село Мислешево, при што направи обиколка на подрачното основно училиште „Јосип Броз Тито“. Ристовски во оваа пригода рече дека покривот на училиштето е сменет со средства обезбедени од Министерството за образование и наука, но и дека во следниот периот е предвидено да се направат и други градежни активности.
„Во ова училиште ништо не е инвестирано во изминатите без малку 40 години. Од 1979 година кога е изградено училиштето ова е прва покрупна инвестиција. Министерството за образование и наука инвестираше скоро 2,5 милиони денари во реконструкција на кровот. Поставен е нов кров, односно целосно е заменет стариот азбестен“, рече Ристовски.
Ристовски потенцираше дека Струга и Струшко остануваат во фокусот на Владата и на Министерствот за образование и наука и во 2016 година.
„Во 2016 Струга и Струшко остануваат во фокусот на МОН и Владата. Во завршна фаза е изборот на најдобар понудувач за изградба на спортската сала во селото Драслаица. Ќе се гради и голема спортска сала во централното основно училиште „Јосип Броз Тито“ во Струга, дел од проектот на Министерството за образоване и наука за изградба на 145 спортски сали“, рече Ристовски.