Состанок за реформите во администрацијата и медиумите
Динамиката на активностите на итните реформски приоритети на Македонија во претпристапниот дијалог за зачленување во ЕУ во областите јавна администрација и медиуми, се тема на денешната средба на претставници на надлежните институции од овие области во Министерството за информатичко општество и администрација.
Досегашните и идните реформи ги анализираат вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, директорите на Агенцијата за администрација, на Државниот управен инспекторат, Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, на јавниот радиодифузен сервис...
Од сите реформски приоритети МИОА е надлежно за реформата на јавната администрација и медиумите.
- Во однос на реформата на јавната администрација и во Извештајот за напредокот и во препораките на Прибе е забележано дека од нас се бара ригорозна имплементација на новата законска рамка на јавната администрација, рече Арсовска -Томовска.
Во делот на реформата на јавната администрација, оцени, се прават сериозни реформи, а само ригорозна имплементација на новата законска регулатива ќе обезбеди уште попрофесионална и стручна јавна администрација со почитувањето на т.н мерит критериуми. - Во таа смисла со надлежните институции сега сме фокусирани на имплементација на законската регулатива којашто ќе обезбеди вработување по принципот на мерит, на заслуги за стручните и професионалните компетенции, и оценувањето на учиникот, мерењето на перформансите на вработените и натамошното унапредување само со почитување на овие критериуми на професионални и стручни стандарди, изјави Арсовска Томовска.
На денешната средба, како што рече, ќе се разговара за приоритетите за подигнување на Агенцијата на администрација во нов и модерен центар за селекција на кандидати за вработување, за спроведениот вонреден инспекциски надзор во 1.300 институции на јавниот сектор, како и за потребата институциите во најбрз можен рок да ги донесат актите за внатрешна реорганзиација и систематизација на работните места, а понатаму и да го полнат и единствениот систем за управување со човечки ресурси. - Овој систем ќе биде еден од најголемите вакви системи, односно ќе биде т.н регистер на јавниот сектор каде освен податоци за вработените ќе опфаќа и податоци и за институциите, нивната организациска поставеност, платите на вработените, трансфер листа за мерење на ефектите, информира министерката Арсовска-Томовска.
Во делот на испораката на јавните услуги во тек е усогласување на новиот Закон за општа управна постапка со 200 материјални закони, а тоа, според неа, ќе значи унапредување на тие услуги со скратени процедури и помалку документи...
Од реформските приоритети во областа на медиумите, ќе се зборува за унапредување на работата и зајакнување на капацитетите на јавниот радиодиузен сервис, потребата од донесување на кодексот на професионални стандарди, што треба да биде усвоен од програмскиот совет, начините на финансирање,... Ќе се дебатира и за активностите на Агенцијата за медиумите по вчерашното стапување во сила на забраната на платено политичко рекламирање.
- Ваквите активности ќе продолжат затоа што и во извештајот стои дека ЕУ повторно по изборите во наредната година ќе се наврати на напредокот што се очекува да го направи РМ во овие области, изјави Бесими.
Во наредните денови, како што најави, одделни средби ќе има и со министерствата за внатрешни работи и за правда, како и со други надлежни институции.
- Со ова сакаме да ја следиме динамиката на реформските активности која е една од темите што се бара во самата препорака покрај политичкиот договор имплементација се итните реформски приоритети за ние да можеме навремено да ги адресираме сите препораки што произлегуваат од извештајот, рече Бесими.