Новогодишно обраќање на премиерот Никола Груевски
Зад нас е 2015-тата година, пред нас, новата 2016-та. Секој од нас од годината што измина ќе носи спомени, лични и семејни, приватни и професионални, повеќе или помалку убави, добар успех, принова во семејството, загуба на близок, промоција во кариерата, прво вработување... Емоции како во секоја година, таков е животот, а сите ние сме луѓе, и низ емоции и лични судбини и предизвици го живееме. 2015-тата беше година на вонредни предизвици, неочекувани проблеми, но и година на многу постигнати успеси. Во светски рамки тешка, со нараснати тензии, војни, конфликти, терористички напади, но и понудени решенија за глобални предизвици.
На домашен план, во однос на политичките случувања 2015та беше многу тешка година. Година во која се случи политичката криза, сигурно најтешката во историјата на независна Македонија, откако желбата да ја собори оваа власт, некого го натерала незаконски и криминално да организира и да снима телефонски разговори на голем број политичари и јавни личности, кои откога биле добро спакувани, во смисла едитирани, ставени во различен контекст и создадени наменски креирани материјали, со месеци беа оружје со кое се сакаше да се постигне јасна политичка цел, промена на власта во Република Македонија, и тоа на само неколку месеци претходно избрана од убедливото мнозинство граѓани на Македонија на организирани избори, кои никој друг освен нашиот политички опонент не ги прогласи за нефер или недемократски.
Јас нема да објаснувам што се случуваше во изминатава година на политички план, бидејќи вие почитувани граѓани бевте сведоци на се, се гледавте, имавте многу информации и извлековте многу заклучоци. Јас имам свој поглед за сите работи и многупати гледајќи ве во очи сум ви го соопштил, и од целиот овој контекст кој ни беше наметнат единствено ме притиска фактот што да не беше оваа политичка криза наметната од опозицијата, економијата ќе се развиваше уште побрзо и многу поголем број на лица ќе се вработеа.
Не можам, а да не ги споменам и настаните во Куманово, кои дадоа еден друг печат на сите општествено политички и безбедносни случувања, настани кои според мене имаат историско значење, и сакам во ова мое обраќање да изразам жалење и сочувство, што во оваа година ние загубивме осум човечки животи, полицајци кои херојски на браникот на татковината, беа дел од силите кои се бореа и успеаа да го сузбијат нападот на организираната криминално терористичка група во Куманово. Тие осум полицајци Македонија вечно ќе ги памети и ќе ги уважува на единствениот начин на кој што заслужуваат – како херои. За овој темен политички контекст и сите пропратни манипулации и случувања во оваа година нема да одам во детали во денешново обраќање до вас – вие ја живеевте таа година. Вие имате совршена проценка за секој еден момент од 2015 година, вие сте свесни, слободни и слободоумни граѓани, со изострено чувство за објективната стварност и со голема, голема мудрост, со зрелост и со капацитет за носење одлуки.
Во 2016 година вие граѓаните ќе ја решите 2015 година. 2016 година е година на народот, година кога народот на фер и демократски избори на 24 април, ќе ја соопшти својата одлука и ќе ја прати својата порака. Изборите во април ќе стават крај на оваа тешко бреме, а вие граѓаните ќе одлучите. Никој друг, туку вие граѓаните. Изборите во април ќе бидат и своевидна порака до сите политичари и лица или структури и организации кои директно, индиректно, или само како набљудувачи биле и се вклучени во сите случувања кои ги доживеавме и преживеавме заеднички изминатава година. Изборите ќе треба да донесат нов ветар во грб, енергија, сила, за градење на подобра иднина, на посветла иднина, ќе бидат своевиден излез, светло на крајот на тунелот. Следната година треба да биде година кога ќе ја видите најсеопфатната програма што било која политичка партија воопшто ја направила во Македонија. Понуда која ќе значи подобар живот, повеќе проекти, мерки, реформи, дела, посветла, сигурна, предвидлива иднина.
Во овие празнични денови, посакувајќи им и на опозицијата добро здравје и среќа во семејствата во претстојната 2016-та година, сакам да ги повикам да не бегаат од народот и достоинствено да го потврдат своето учество на изборите и да се придржуваат кон превземените обврски, затоа што на народот му е преку глава од натегања, конфликтности и судири. Народот од нас бара решенија за нивните секојдневни проблеми.
Изборите во април ќе бидат фер и демократски. И сите ние треба да направиме максимум тоа да биде така. Реформираниот закон за избори за прв пат ќе биде применет. Тој помеѓу останатото, предвидува, отсега па на сите наредни парламентарни избори, премиерот ако повторно излегува на изборите, да се повлече од функцијата, во еден кус временски период пред изборите, со цел да се осигура дека со тоа што нема да е во извршната функција, нема да има некаква предност во добивањето на довербата на гласачите. Јас прв ја подржувам оваа реформа, затоа што верувам во својот народ, и не сакам да дозволам алиби на било кого за да избега од соочувањето со народот.
Сето ова досега е во делот на политиката, но ние сме најсилни во делот на економијата и сакам да ве уверам дека најголем фокус и во иднина ќе имаме на економијата и обезбедување на подобар живот на граѓаните. Досега како резултат на заеднички труд, Светската банка на ново објавената ранг листа обзнани дека Македонија е 12-та најдобра држава во светот, и шеста најдобра држава во Европа, во однос на добрите услови за водење бизнис. Кога дојдовме во Владата, бевме рангирани дури на 94-тото место во светот.
Подобрените услови за водење бизнис, ни ја олеснија работата во привлекувањето странски инвестиции. Но, ние во 2015-тата, силно се осврнавме и на домашните фирми, преку многу преземени мерки, а една од нив вреди посебно да се спомне, тоа е проектот Македонија вработува, со кој на сите фирми во Македонија, им се дадоа исклучителни финасиски поволности за да вработувааат нови работници.
Ми претставува особено задоволство фактот дека во 2015-та оствариме нова рекордно ниска стапка на невработеност, која заклучно со септември е 25,5 отсто. Никогаш не била пониска. Да потсетам таа беше околу 38 отсто во 2006-тата, од кога континуирно секој квартал се намалува. Имаме уште работа на овој план, но, можеме комотно да кажеме дека сме на добар пат. Во 2006-тата при доаѓањето во Владата бројот на лица кои имале работа беше 560 илјади луѓе, сега, тој број е над 710 илјади луѓе кои работат. Со нашите економски политики и посветеност, сме успеале, да овозможиме отворање на нови над 150 илјади работни места, а тоа се 150 илјади нови плати за граѓаните кои порано не работеле, а сега работат. Државниот долг на земјата не се зголеми, туку и се намали од 39 на 36 отсто од БДП, и сме 4та најниско задолжена земја во Европа, според ЕУРОСТАТ. Позитивниот тренд во економијата особено на полето на инвестициите ќе продолжи и во 2016та,за кога е проектиран раст од 4 отсто од БДП, и натамошно намалување на невработеноста.
На крајот на 2014-та година ветив дека во 2015-та година ќе има најмалку 25 нови компании кои ќе објават одлука за инвестирање во Македонија, што се оствари и се надмина, и тој број изнесува 30 компании кои одлучиле да инвестираат и јавно ги објавија одлуките. Сега можам да ветам дека во 2016-тата, најмалку 35 нови компании ќе донесат одлуки за инвестирање, и ќе ги објават. Ова го кажувам на претходно направена анализа, од преговорите кои ги имаме во понапредна фаза на преговори со голем број компании од многу земји.
Американската Делфај одлучи да инвестира во зоната во Скопје и да вработи 500 луѓе. По успехот во Штип, Џонсон Контролс објави дека отвора нов капацитет во Струмица која ќе отвори 1.500 нови работни места. И германски Костал официјално почна со инвестицијата од 50 милиони евра и со првите од 1.000 вработувања кои треба да ги оствари. Американската Ки Сејфти Системс започна со градба на својот објект во Кичево, а треба да ја заврши градбата до јуни 2016-та. Почна со работа и италијанската Диатек Макдиа, со која треба да се вработат 200 луѓе. Техникал Текстајл во Штип ја изгради фабриката во која треба да се вработат вкупно 1.000 луѓе.
Технохозе ја реализираше својата втора инвестиција во зоната во Скопје каде ги започна вработувањата, а Гентерм е во напредна фаза на градба на својата фабрика во Прилеп. Со план за нови 3.000 работни места во Тетово е инвестицијата од 15 милиони евра на американската корпорација „Леар“. Германски Маркард ја заврши инвестицијата во Велес вредна 35 милиони евра, во новиот капацитет ќе се вработат 600 луѓе а планираат и проширување на капацитетите. Холандската компанија Антура го отвори својот нов капацитет во Кочани, со план за 300 вработувања. Германски Акомпласт објави дека во јануари почнува изградба на фабриката, а почеток на производството се очекува во април-мај 2016 година. Американски Капкон во Скопје ја отвори новата фабрика за инфлатори за воздушни перничиња со која ќе бидат отворени вкупно 400 работни места. Во привремениот објект започна со работа втората фабрика на Амфенол во Кочани, со што се вработија 650 лица, а по финширањето на инвестиционите дивизии нивната намера е да дојдат до 3.500 вработувања. Италијански Кондево инвестира околу 30 милиони евра и гради објект кој треба да вработи над 280 невработени, а истовремено се гради и новата фабрика на германската компанија ОДВ Електрик, која ќе се изгради до јуни 2016та, и ќе се вработат 1000 невработени од Охрид и Струга. Се потпиша и договорот со Монтанте груп од Италија, со кој ќе се вработат 400 лица.
Истовремено, за прв пат две домашни компании добавувачи на познати светски брендови, објавија дека ќе инвестираат во Технолошко индустриските развојни зони. Тоа е компанијата Хај Тек и компанијата ТТ Плус кои заедно треба да вработат 500 невработени лица. Судејќи по тоа со колку компании сме во финална фаза на преговори, очекувам уште поголем број нови фабрики во 2016-тата кои ќе отворат нови работни места
Еве на пример во јануари очекувам објава на инвестиција во Велес која со рестартирање на еден постоечки објект ќе отвори нови 1.000 нови работни места, проект на кој подолго работиме.
Ако новите работни места ни беа и ќе ни останат прв приоритет, сигурно во врвот на приоритетите, ни се и младите луѓе со голем број проекти за нив. Сепак, еден проект, кој неодамна го објавивме очекувам во 2016-та да почне да се реализира, а тоа е проектот „Купи куќа за млади“. Тоа е проект кој очекувам на илјадници млади луѓе до 35 години во наредните години да им помогне да си обезбедат куќа под исклучително поволни услови со поддршка на државата.
Во здравството имавме повторно многу нови вложувања и ќе имаме уште повеќе во 2016-та. Се изгради болницата во Козле, новиот простор за државната кардиохирургија, а ПЕТ центарот е при крај. Градбата на новиот клинички центар се одолжи, но конечно се бира изведувач и во 2016-та ќе почне градбата на овој капитален проект, исто како и клиничката болница во Штип за која се одбра изведувач. Почнаа голем број темелни реконструкции на болници, како во Битола, Прилеп, Св. Еразмо во Охрид. Следува и реконструкцијата на болницата во Струмица, и градбата на ургентниот центар во Куманово, двете во март 2016, како и реконструкцијата на клиничката болница св.Наум Охридски во Скопје. Во тек е и градбата на болницата во Кичево. Се реши проблемот со лековите за лица со ретки болести, се воведоа поливалентните вакцини, а се подготвува и отворање на центар за трансплантации во 2016-та.
Во 2015-та пораснаа пензиите на пензионерите за 5 отсто, а ќе следи и таков раст во 2016-та, како и раст на минималната плата, согласно ветеното. Досега од 2006-тата просечната пензија порасна за 70 отсто, а најниската пензија за 84 отсто. Во 2016-та треба да започне и градбата на нови државни пензионерски домови за пензионери со пониски пензии. Социјалната помош наместо за ветените пет во 2015-та порасна за 10 отсто, и ќе има ново покачување во 2016-та од најмалку пет отсто. Се изградија 10 нови детски градинки, и уште четири се при крај, а уште повеќе се планираат за 201-та. Над 140 милиони евра се отплатија за земјоделците во 2015-та, а во 2016-та земјоделците можат да сметаат на нови 150 милиони евра за земјоделието, и да продолжи оваа стабилна и континуирана поддршка која ја добиваат. И подршката не е само преку субвенциите, туку и преку помош на млади земјоделци, подигнување на нови насади и набавка на приплоден добиток, систем капка по капка, градба на системи за наводнување...
Во образованието, во тек е реконструкцијата на студентскиот дом Гоце Делчев, а во 2016-та ќе почне градбата на уште два во Скопје и еден во Тетово. Почна со работа филмската школа во Охрид, во соработка на престижната чешка школа ФАМУ и штипскиот универзитет. Почна и градбата на објекти на два нови факултети, на Финки и факултетот за физичка култура. Формиравме и нов универзитет Мајка Тереза, кој ќе биде на македонски, албански и англиски и ќе преставува нов квалитет во високото образование во Македонија. Истовремено планираме Воената академија која ја возобновивме, да прерасне во нов универзитет за национална безбедност во чиј склоп ќе работат повеќе факултети. Прашањето со зајакнувањето на квалитетот на високото образование, како и минималните стандарди во делот на научни трудови на наставниот кадар, остана тема на која треба да се обрне повеќе внимание во 2016-та.
Тече градбата согласно планот на трите автопата во Македонија. Речиси готова е и реконструкцијата на автопатот Велес Катланово,а во 2016та ќе се реконструира автопатскиот дел Смоквица Гевгелија и Куманово Скопје. Во 2015та започнавме со реконструкција на 13 регионални и магистрални патишта во долина од 170 километри. Во 2016-та започнува градба на неколку експресни патишта со 4 ленти за кои веќе се обезбеди и потпиша финансиска конструкција. Тоа се Штип Кочани, Штип Радовиш,Ранковце Крива Паланка,Охрид Пештани и Градско Прилеп, плус ќе започнеме и реконструкција на други 6 регионални патишта. Се гради и пругата кон Бугарија, и од Битола кон Грција,а се прави проект за пруга од Кичево кон Албанија. Се одвива проект за реконструкција на железничките станици,а набавивме и нови 6 патнички композции и нови товарни вагони. Ова се милионски проекти кои се инвестираат во македонската економија. Проекти, проекти и проекти, тоа е нашата работа!
Нашите напори Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО, ќе продолжат и во 2016-та, вклучувајки ги и напорите да се изнајде решение, кое ќе овозможи деблокада од нашиот јужен сосед. Мигрантската криза во 2016-та ќе продолжи да биде сериозен предизвик, и на неа ќе треба да останеме фокусирани. Односите помеѓу различните етнички заедници и спроведувањето на охридскиот рамковен договор исто така ќе бидат во приоритетите, бидејќи соживотот преставува клучен фактор за нашиот напредок. Не чека година кога многу работи ќе станат појасни, а Македонија ќе мора да излезе од заложништвото и да застане гордо и достоинствено на патот кон напредокот. Ќе биде тешко, не велам дека сите проблеми ќе ги решиме, но гарантирам дека ќе работиме повеќе, со цело срце и подобро од било кој друг, ќе одиме напред!
Почитувани граѓани,
Ви посакувам среќна и бериќетна 2016-та година. Во добро здравје, спокојство и среќа во вашите семејства, со заеднички сили да го продолжиме напредокот и развојот на Македонија. Ви посакувам личен успех во вашите зацртани цели, а вашиот индивидуален успех, земен севкупно, ќе биде и успех и гордост на целата наша држава. Нека ви е среќна и успешна новата 2016та година!