Премиерот Груевски во посета на Охрид
Претседателот на Владата Никола Груевски денеска престојуваше во работна посета на Охрид. Заедно со министерот за здравство ги посети Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, чија целосна реконтрукција и проширување е во тек, како и Општата болница во Охрид која од неодамна доби нова опрема за рано дијагностицирање канцер на дојка.
- Реконструкцијата на болницата „Свети Еразмо е инвестиција на Владата односно Министерството за здравство вредна 215 милиони денари. Се работи за темелна реконструкција на објектот, а во еден дел и доградба, односно ставање во употреба на нови пет илјади метри квадратни, градба отпочната некаде во 80-те години на минатиот век, рече премиерот Груевски.
Тој појасни дека во новата целосно реконструирана болница ќе биде преместен и Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“.
- Станува збор за сериозен зафат, каде со доградбата ќе се смести и кардиолошкиот завод, што на овој начин ќе добие доволно голем простор за прошрување на дејноста во иднина и воведување нови методи, додека целосно ќе бдие реконструиран и постојниот објект каде е сместена болницата „Свети Еразмо“, рече Груевски, најавувајќи дека согласно договорот со изведувачот предвидено е работата цеосно да биде завршена за 18 месеци односно да биде ставен во употреба некаде кон средината на 2017 година.
Груевски официјално во употреба го предаде и новиот мамограф што ќе работи во рамки на Општата болница во Охрид.
- За набавка на мамографот се издвоени осум милиони денари. Охрид доби најсовремен дигитален мамограф, којшто во голем број од случаите ќе биде превенција за откривање на канцер на дојка, што ќе значи спасување многу животи, оттаму што лекарите уверуваат стопроцентна сигурност за спасување живот доколку постои рано дијагностицирање на болеста, истакна тој.
Двајца лекари веќе се обучени за ракување со новата опрема, други двајца се на специјализација така што, според него, се реализираат дел од ветувањата дадени кон граѓаните кога станува збор за активностите насочени кон подобрување на здравствената заштита за граѓаните.
Премиерот Груевски во рамки на посетата на Охрид ја посети и црквата „Света Богородица Перивлепта“, чија реконструкција, односно реставрирање и конзервирање на фрескоживописот е во тек.
- Црквата Света Богородица е една од најубавите цркви во Македонија, големо културно, историско, религиско наследство. Конзервацијата е во тек и очекуваме некаде до септември оваа година да заврши. Се работи за една од најквалитетните конзервации што се правата досега во Македонија, во било која црква. Најдени се таму и нови предмети при ископувања, дури и од вториот век пред нашата ера што имав можност денеска да ги видам, истакна тој, изразувајќи задоволство што тој зафат се одвива добро, што Министерството, како што рече, навремено прецизно и високостручно ја завршува оваа обврска што е дел од ветувањата дадени во програмата.
Претходно денеска премиерот Груевски беше и во битолско, во селото Кравари каде беше отоврена нова фабрика за производство на чипс, од страна на наш повратник од Австралија, инвестиција што ќе обезбеди нови сто работни места.