Спасов: 44 милиони денари за обука и субвенционирано вработување
Со средства во висина од 44 милиони денари во наредниот период преку комбинирани мерки за обука и субвенционирано вработување ќе се вработуваат лица од социјално ранливите категории, долгорочно невработени, постари лица над 50 години, како и млади до 29 години.
Како што појасни на денешната прес-конференција заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов преку комбинирање на овие две мерки годинава треба да се вработат 333 невработени лица.
- Предвидена е субвенција за обука од 6.200 денари месечно по лице во период од три месеци, како и субвенција за плата за лицата кои ќе бидат обучени во износ од 19 илјади денари месечно во период од шест месеци. Вкупно средства кои може да ги искористи една компанија за да вработи невработено лице преку овие мерки за обука и субвенционирано вработување изнесува 132 илјади денари, информира Спасов.
Додаде дека како и за сите мерки, и за оваа мерка предвидени се средства за вработување на млади до 29 години. Така околу 30 проценти од средствата се планирани за вработување на млади лица преку овие две комбинирани мерки и да се постигнат околку 100 вработувања.
Овие мерки се спроведуваат од 2013 година и досега преку нив се вработени 660 лица.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски појсни дека комбинацијата на овие две мерки е направена поради тоа што било увидено дека така се постигнуваат подобри резултати отколку спроведување на двете мерки поединечно.
- Ова е можност за сите оние кои немаат некои квалификации, познавање или некое занимање, во период од три месеци пред се да створат работно искуство или знаење, а потоа да добијат субвенционирано вработување во траење од шест месеци. Работодавачот потоа има обврска лицето да го задржи на работа уште 12 месеци, истакна Поповски.
Појасни дека во моментов се повикани компаниите да се отворат и работодавачите да поднесат барање за вработување, а паралелно се мотивираат и невработените лица да аплицираат на мерката за да може да се направи соодветно поврзување меѓу работодавачите и невработените лица. Пријавувањето е отворено до исполнување на предвидената бројка за вработување на невработените лица.