Честитка од Емил Димитриев по повод Богојавление-Водици
До: Поглаварот на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан
Ваше Блаженство,
Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник – Водици.
На овој прекрасен ден, секоја година одново и одново се потсетуваме на големата љубов на нашиот Бог-Создател, на неговата милост да ни ги открие најдлабоките тајни поврзани со облагородување на душата и прочистување на срцето. За оваа цел, Бог се јави и го испрати нашиот спасител Исус да се покрсти и да ни го покаже патот на благочестивоста и на искрената заедница со нашиот Бог.
Денес сите македонски води се богојавленски води, да празнуваме и да се радуваме на денот кога Бог не приближи кон себе и ни дари нов живот. Да си посакаме Божја благодет, мудрост, сила и поткрепа да правиме добри дела, да гледаме напред, да се сакаме и почитуваме, да и помогнеме на нашата земја да ги надмине сите препреки пред кои е исправена и да продолжи да чекори напред, силно и достоинствено, решително и одлучно, во интерес на подобриот живот на сите граѓани на Република Македонија.
Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник !
БОГ СЕ ЈАВИ !
НАВИСТИНА СЕ ЈАВИ !
Со почит,
ЕМИЛ ДИМИТРИЕВ
Претседател на Владата на Република Македонија
за спроведување на изборите