Урбанизација и продажба на нови откупно-дистрибутивни центри
До 21 јануари за Штип и до 26-ти за Демир Капија е рокот за доставување понуди за продажба на локациите за откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи. Во наредните 15 дена ќе следуваат и објави во Свети Николе, Ресен, Чешиново-Облешево и во Валандово, а во јануари и во Кочани, било одлучено на денешната седница на Економскиот совет.
- Во соработка со Министерството за земјоделство, работиме на дополнителни локации за откупно-дистрибутивни центри, секаде каде што има проблем со пласманот или каде што има потенцијални инвеститори. Очекувам најдоцна до првата половина на наредната година да имаме максимум 25 локации кои ќе бидат понудени на јавна објава, со цел за подобар пласман на земјоделските производи во Република Македонија, изјави за медиумите министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Тој информираше дека неодамна се продадени четири локации за вакви центри, последната во Врапчиште, а пред тоа во Чешиново-Облешево, Кочани и во Штип.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски истакна дека за секој регион се води прецизна анализа, посебно онаму каде што има најголемо производство на земјоделски култури, за да се даде препорака до Министерството за транспорт и врски за пренамена на земјоделското земјиште и тоа да се стави на објава за продажба.
- Економскиот совет дискутира за подготвката на откупно-дистрибитивниот центар во Врапчиште. Активностите треба да ги преземе ЈП „Агроберза“ кое е задолжено да соработува со инвеститорот од Турција што го откупи земјиштето. Особено битно за нас е потпишаниот договор со израелскиот партнер за подготвителни работи за изградба на Центарот за производство на семенски и посадочен материјал. Тој е од исклучителна важност за македонското земјоделство, со оглед на Програмата на Владата за создавање услови за производство на семенски и посадочен материјал за автохтони сорти, рече Димовски.
Центарот ќе се гради на површина од 15 хектари во општина Свети Николе, која е задолжена до март 2012 да ги изврши сите подготовки за да ги задоволи инфраструктурните потреби на инвеститорот и тој да ја почне изградбата. Таа треба да заврши за шест месеци и наесен центарот да проработи, а Македонија да има сертифициран семенски материјал за кој веќе се склучени договори со домашни производители.